Ова е четврта пресуда што ја изрекува првостепениот суд за предмет каде што обвинет е експремиерот Груевски, а шеста за поранешниот министер Јанакиески
Девет години затвор за експремиерот Никола Груевски, три години за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, четири години за бившиот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски. Ова се дел од изречените казни во случајот ТНТ кој се однесува на рушењето на објектот „Космос“ во 2011/2012 година.
Во случајот се гонеа и тогашната градежна инспекторка Елизабета Најдовска која, исто така, доби четири години затвор, додека три службени лица од Општината добија ослободителна пресуда.
Исто така, судот одлучи осудените солидарно да ја надоместат штетата на бизнисменот Фијат Цаноски во износ од 683 514 694 денари (околу 11 милиони евра).
Пресудата ја донесе судечкиот совет на чело со судијата Огнен Ставрев од Основниот кривичен суд Скопје. Таа е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје. По исрекот на роковите за жалба и одлуката на Апелација во однос на евентуалните жалби, пресудата ќе стане правосилна.
Сите се гонеа за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а во пресрет на изрекувањето на пресудата обвинителот Бурим Рустеми го повлече обвинението за едно од двете дела на ексминистерот Јанакиески. Делото за кое обвинителот во завршните зборови соопшти дека се откажува од гонење се однесуваше на злоупотреба на службената положба и овластувања во врска за тендерот за рушење на објектот бидејќи, како што рече, од доказите не произлегува дека Јанакиески го сторил делото.
Рустеми во завршните зборови побара и затворски казни за сите обвинети, а меѓу олеснителните околности кои потенцираше дека судот треба да ги земе предвид при одредување на казните беше и тоа што поранешниот министер ги призна „бомбите“.
„Фактот дека Миле Јанакиески ја потврди автентичноста на телефонската комуникација и притоа се извини, која околност не само што придонесува за докажување на кривично-правниот настан, туку и претставува олеснителна околност“,
рече Рустеми во завршните зборови на 27 април 2022 година.
Барајќи осудителна пресуда за обвинетите, тој остана на ставот на обвинителството дека објектот „Космос“, кој го градеше бизнисменот Фијат Цаноски, бил срушен незаконски поради политички реваншизам.
Одбраната, пак, до крајот на судскиот процес тврдеше дека рушењето бил законски бидејќи се градело спротивно на одобрението за градба и биле прекршени законите со оглед дека инвеститорот излегол од предвидениот габарит.
„Дали нешто ќе се подобри ако добијам и шеста осудителна пресуда? Ништо, освен што Фијат Цаноски ќе заработи фантастична сума пари како отштета од Буџетот, а ќе се даде и поттик и на други инвеститори своето незаконско работење да го прекриваат преку политика“,
рече Јанакиески во завршните зборови што ги даде истиот ден како и обвинителот Рустеми.
Останатите пет пресуди кои ги има ексминистерот се во случаите: „Титаник“ (4 години и шест месеци затвор); „Топлик“ (три и пол години затвор) „Насилство во Центар“ (условна казна); „Дизајн“ (условна казна); „Организаторите на 27 април“ (6 години и 3 месеци затвор).
Од нив, правосилна е пресудата за „Насилството во Центар“, додека затворските казни во „Топлик“, „Титаник“ и „Организаторите на 27 април“ се првостепени и за жалбите за нив треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.
На Груевски, пак, му се суди во отсуство со оглед дека тој избега во Будимпешта кон крајот на 2018 година. Тој има правосилна пресуда во „Тенк“ (2 години затвор) и „Насилство во Центар“ (1 година и 6 месеци затвор). Првостепена пресуда, пак, експремиерот има во „Плацови на Водно“ (7 години затвор).