Меѓу олеснителните околности што судот треба да ги земе предвид при одлучување за казните, обвинителот го нагласи тоа што Јанакиески ги признал телефонските разговори помеѓу него и Груевски
Обвинителот Бурим Рустеми во своите заврши зборови денеска повлече дел од обвинението за ексминистерот Миле Јанакиески во случајот ТНТ, кој се однесува на незаконското рушење на објектот „Космос“ во Гази Баба во 2011 година.
Јанакиески беше обвинет за две кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и овластувања. За едното од делата, кое се однесува на злоупотреба за тендерот за рушење, обвинителот Рустеми рече дека од досегашните докази не произлегува дека Јанакиески го сторил делото и затоа се откажува од гонење за тој дел.
Исто така, во прецизирањето на обвинителниот акт, обвинителот ја намали и сумата на нанесената штета во случајот на 683 514 964 денари.
За преостанатиот дел Рустеми остана на обвинението со кое за злоупотреба на службената положба и овластувања се товарат експремиерот Никола Груевски како првообвинет, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, тогаш вработена како градежен инспектор во Општината, Елизабета Најдовска, како и три службени од Општина Гази Баба.
За сите Рустеми во завршните зборови побара ефективни затворски казни.
Меѓу олеснителните околности што судот треба да ги земе предвид при одлучување за казните, обвинителот го нагласи тоа што Јанакиески ги признал телефонските разговори помеѓу него и Груевски.
„Фактот дека Миле Јанакиески ја потврди автентичноста на телефонската комуникација и притоа се извини, која околност не само што придонесува за докажување на кривично-правниот настан, туку и претставува олеснителна околност“,
рече Рустеми додавајќи дека со тоа ексминистерот покажал дека го сфатил стореното и изразил каење.
Давајќи ги завршните зборови, обвинителот кажа дека во текот на судскиот процес обвинителството докажало дека Груевски успеал да ја реализира својата желба и да му се одмазди на својот политички противник Фијат Цаноски.
„Се докажа ијзвата на Фијат Цаноски дека ова бил комплетен политички реваншизам затоа што отишол во коалиција со СДСМ“,
рече Рустеми.
Тој цитираше и делови од „бомбите“ и СМС-пораките, кои ги посочи меѓу доказите што го докажуваат обвинението. Така, меѓу комуникација што ја прочита беше и порака од Груевски кон Јанакиески, во која тој вели дека е потребно првиот ден од рушењето да се направат доволно зафати така што „нема да има назад“, а ако треба, да се руши и со динамит.
Рустеми за Јанакиески рече и дека, обидувајќи се по секоја цена да ги реализира наредбите на Груевски, произлегува дека сакал експремиерот да стекне впечаток дека нему тој му е човек од доверба и подготвен е да стори сè за него.
Обвинителот во завршните зборови потсети и на дел од сведочењата во судскиот процес, а меѓу доказите што ги наведе во прилог на обвинението се и двете стручни мислења од Архитектонскиот факултет во кои се наведува дека рушењето е незаконско, а за кои обвинителот посочи дека потоа деканот на факултетот ги повлекол поради политички притисоци.
Рочиштето за завршни зборови е во тек и во моментот завршни зборови дава и одбраната.