И во случај министерот за внатрешни работи да поднесе оставка или Спасовски да предложи негово разрешување, тоа нема да може да се ефектуира затоа што Собранието е распуштено
Оставка од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во врска со одржаната литија во Струга, според премиерот Оливер Спасовски, е морален чин. Непочитувањето на одлуките, неактивирањето на полициските службеници да преземат соодветни мерки, секако дека бара и одговорност, смета премиерот.
„Донесовме заклучоци и побаравме сите надлежни институции целосно да го расветлат овој случај и да се поведат постапки за организаторите, за оние што присуствувале, оние кои не ги почитуваат одлуките на Владата и со тоа директно го доведуваат во прашање животот и здравјето на граѓаните. Побарвме да се отвори постапка и во делот на организација на настанот во МВР“,
изјави Спасовски.
Чулев е единствен министер од ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, од каде што, пред распуштањето на парламентот, беше разрешена техничката министерка Рашела Мизрахи, на предлог на премиерот Спасовски. Но, во овој случај, и под претпоставка Чулев да поднесе оставка или, пак, Спасовски да предложи негово разрешување, тоа нема да може да се ефектуира затоа што Собранието, кое ја избира владата и констатира остаки на министри, е распуштено.