Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи, а во врска со масовното присуство на граѓани на литијата одржана на 7 мај 2020 година, по повод верскиот празник Свети Ѓорѓија, соопшти обвинителството
„Постапувањето на обвинителството е поради присуството на граѓани на литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метри меѓу лицата и задолжително носење на заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното“,
пишува во соопштението од обвинителството.
Во насока на утврдување факти во предметот, струшкото обвинителство поднело барање до МВР (ОВР Струга) за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело.
„Притоа, побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен, кој требало да учествува, каква дозвола добиле и дали е постапувано согласно истата, како и дали презеле дејствија како организатори да нема присуство на граѓани или пак со редарска служба да го обезбедат евентуалното присуство на граѓани, а во насока на примена на здравствените прописи во услови на опасност од ширење на заразната болест предизвикана од вирусот ковид-19“,
велат од обвинителството.
Обвинителството издало и наредба „за обезбедување на безбедносните камери од околните објекти, со цел да биде извршена идентификација на лицата кои присуствувале на настанот, како и да се утврди дали лицата самоиницијативно присуствувале на настанот“.