Министерот за здравство Венко Филипче рече дека е разочаран и побара да се испита кој го дозволил собирот во Струга, кој го оцени како целосно непочитување кон сите што се борат за надминување на кризата со ковид-19.
Министер за внатрешни работи Наќе Чулев смета дека собирот не бил добро организиран и најави истрага
Свештенството при храмот Св. Георгиј, организатор на масовниот верски собир што се одржа денеска во Струга, во соопштение до јавноста тврди дека црквата гласно повикала на придржување на мерките за ковид-19 и потенцира дека нема никаков простор за обвинување.
„Бидејќи на социјалните мрежи и на одредени интернет гласила се појавија обвинувачки текстови во врска со традиционалната Струшка Еордија – Литија со моштите и чудотворната икона на Свети Георгиј Победоносец, сметаме дека е потребно да дадеме мислење од името на клирот на МПЦ-ОА. Со цел да не згасне оваа древна културна манифестација во Струга, која, патем, е дел од значајното културно наследство на Македонија, заштитено со закон, а во исто време да се испочитуваат и профилактичките мерки донесени од страна на Владата, во соопштението од Црквата по повод овој настан, објавено на 4 мај, и проследено од страна на голем број медиуми, беше сосема јасно укажано дека верниците треба да се придржуваат на превентивните мерки на државните и здравствените власти“,
се вели во соопштението.
Дополнително велат, надлежниот епархиски митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски, во својата јавна проповед пред почетокот на литијата јасно нагласил:
„Сега ќе продолжиме со предвидената Литија, но, како што знаете, поради ограничувања од страна на државните и здравствените организации или институции, не е дозволено да се групираме во голем број на народ, затоа ќе дозволите Литијата да ја направиме со помал број на луѓе, односно со оние кое се предвидени во смисла на Литијата што треба да се организира, а другите ќе ги замолиме да останат тука и да почекаат“,
се вели во соопштението.
Освен тоа посочуваат дека во насока на почитување на мерките на заштита и превенција, богослужбата била отслужена на отворено.
Од таму апелираат до политичките партии и сите општествени чинители „да не ги користат активностите на Црквата за наведување на граѓаните да не ги почитуваат мерките, а до оние кои се декларираат како верници да бидат внимателни и одговорни“.