Лидерот за СДСМ, Зоран Заев, бара итна оставка од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев поради неколку работи што се случија во текот на вчерашниот ден. Тој прво го споменува масовниот собир што вчера се случи во Струга, каде што во време на пандемија стотици граѓани излегоа на литија без заштитни маски прекршувајќи ги сите препораки за заштита од ковид-19.
„Дали Наќе Чулев се консултираше со Мицкоски пред да одлучи да го загрозува здравјето на граѓаните? Дали Мицкоски го натера Чулев да организира настан среде пандемија без мерки на заштита? Дали Мицкоски му кажа на Чулев да не постапува при масовен собир во Струга? Дали Мицкоски му одобри на Чулев напад врз новинар? Дали Мицкоски му одобри на Чулев фрлање димна бомба во публика? Тоа што структури на полицијата предводени од Чулев не реагираа и дозволија да се случат овие инциденти покрева највисок степен на одговорност кај него и мора да заврши со итна негова оставка“,
напиша Заев на својот профил на Фејсбук.
Со ваквите постапки, вели Заев, кадрите на ВМРО-ДПМНЕ повторно нè потсетуваат дека кај нив нема грам срам ниту одговорност.
„Мицкоски, Чулев и ВМРО-ДПМНЕ преземаат опасни чекори во здравствената криза. Тие повторно тргнуваат од нивната вечна партиска позиција: колку е полошо за граѓаните, толку е подобро за опозицијата! Нема ниту еден разумен и добронамерен човек кој би можел ова да го оправда. Затоа, на вакво скандалозно однесување и при вакви катастрофални постапки против граѓаните, има само еден логичен чекор што Чулев треба итно да го преземе – оставка!“,
вели Заев.