По долги препукувања меѓу власта и опозицијата, Собранието рано изутрина ја разреши Рашела Мизрахи од функцијата министер за труд и социјална политика откако таа деновиве неколку пати излегуваше на прес-конференции пред таблата со старото државно име.
Мизрахи, која како министерка во техничката влада дојде на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, беше разрешена со 62 гласа “за“ и “26“ против.
Разрешувањето го побара премиерот Оливер Спасовски затоа што, според образложението, таа го прекршила Уставот, а нејзиното однесување било провокација кон соседите, што може да донесе последици и за државата. Спасовски побара од ВМРО-ДПМНЕ да предложи друг кандидат за министер во преодната влада.
“Секој треба да ги почитува Уставот и законите, а институциите мора да функционираат беспрекорно“,
рече премиерот.
Мизрахи од собраниската говорница ја нападна нејзината претходничка Мила Царовска дека била виновна што не ја сменила таблата, а говорот го заврши со зборовите „Јас сум гарда Еврејка од Македонија“.
“Нарушените меѓучовечки односи, непостоење вредности, распаднат систем, криење проблеми, очајни граѓани, исплашени вработени во МТСП, тоа се проблемите на Министерството за труд и социјална политика. Уште не влезена во Министерството како прва Еврејка во историјата на Македонија назначена за министер во Влада, бев мета на антисемитски напади од лица кои ниту бираат средства, ниту начин, ниту зборови. Па, наместо да ја критикуваат мојата работа, ја критикуваа мојата верска и национална припадност и ме обележаа со жолта ѕвезда“
изјави Мизрахи.
Во собраниската сала пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека Мизрахи е разрешена затоа што открила незаконитости и злоупотреби во работењето на Царовска. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побара разрешување на техничкиот премиер Оливер Спасовски затоа што и тој еднаш во говорот го спомена името „Република Македонија“.
Илија Димовски бараше точката за разрешување на Мизрахи да се тргне од дневен ред, посочувајќи го членот од Преспанскиот договор кој предвидува менување на документи и материјали за внатрешна употреба во зависност од тоа како ќе се отвораат поглавјата во преговорите со ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ засега не доставила досега нов предлог за министер во труд и социјална политика до премиерот Спасовски. Ако пред распуштањето на парламентот не биде избран друг министер, со овој ресор до изборите ќе раководи дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која е предлог на СДСМ.