Освен медицински потврди од 11 доктори на Брза помош, од правниот тим на Јовановски до медиумите доставија и конзилијарни мислeња добиени од државни клиники, со кои посочуваат дека го поткрепуваат тврдењето за влошената здравствена состојба на Бојан Јовановски

Правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека за осудениот, 11 пати во изминатиот период повикале Брза помош во затворот „Идризово“, за што доставија и медицинска документација до медиумите.
Во медицинската документација стои дека на Бојан Јовановски-Боки 13 не може да се аплицира терапија, ниту да се одржи хигиено-диетски режим, потребен за подобрување на неговата здравствена состојба. Освен медицински потврди, од правниот тим на Јовановски до медиумите доставија и конзилијарни мислeња добиени од државни клиники, со кои посочуваат дека го поткрепуваат тврдењето за влошената здравствена состојба на Јовановски-Боки 13.
Од правниот тим велат дека согласно сите веќе доставени медицински докази (медицински конзилијарни стручни мислења) до судот, кои со сигурност упатуваат на фактот дека осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13 не може да се лекува во пенални услови, а особено поради конзилијарното мислење од ЈЗУ УК за дигестивна хирургија Скопје од 23.01.2023 година, мислење кое е истакното и издвоено од страна на Основниот кривичен суд при известувањето до јавноста од страна на судот на ден 17.02.2023 година.
„Во посоченото мислење од ЈЗУ УК за дигестивна хирургија Скопје се вели дека специјалистите од таа клиника се согласни со дадените препораки од страна на колегите хирурзи од ЈЗУ УК „Св. Наум Охридски“ за препишаната терапија и за потребата од спроведување на строг хигиено-диетски режим, истите се оградуваат од прашањето дали има услови за спроведување на хигиено-диетскиот режим во затворот и во последниот пасус наведуваат дека во насока на сето наведено, општата состојба на пациентот не е компромитирана, особено доколку му се овозможат соодветни услови за апликација на тераписки третман и примена на хигиено-диетски режим“,
се наведува во соопштението од правниот тим на Јовановски.
Тие додаваат дека е утврдено оти во затворот, односно во пенални услови, не постои ниту начин ниту постојат услови за неопходно лекување и третман на Бојан Јовановски.
„Од страна на 11 доктори од Итната помош која доаѓала секојдневно во затворот, констатирано е дека препишаната терапија од отпусното писмо од 17.02.2023 година нема услови целосно да се спроведе во затворски услови и да се аплицира и дека на лице место во затворот е утврдено од 11 лекари дека нема услови и можност за спроведување и примена на неопходниот хигиено-диетски режим. За констатираното и утврденото од докторите од Медицинската итна служба, изготвени се писмени потврди од самите доктори со нивни печат и потпис. Овие докази се доставени до Основниот кривичен суд каде што сè уште трае жалбената постапка за барањето за прекин на ден 02.03.2023 година, доставени се и до Управата за извршување на санкции на ден 03.02.2023 година, како и специјалистички контролен извештај од 01.02.2023 година од ЈЗУ УКХБ „Св.Наум Охридски“,
се додава во соопштението.
Тие велат дека доказите кои ги доставуваат ја покажуваат тортурата на дело и прашуваат кој ќе сноси одговорност за оваа, како што велат, организирана и координирана хајка.
„Кој ќе сноси одговорност доколку настанат компликации кои директно може да резултираат со смртоносни последици по животот на Бојан Јовановски, бидејќи од сето приложено и сега докажано на лице место во затворската установа од 11 лекари дека нема услови за лекување и третман во затворот“,
додаваат од правниот тим на Боки 13.
Оттаму апелираат и бараат од сите надлежни органи, а особено од сите домашни и меѓународни институции и организации за заштита на човековите права веднаш да преземат активности и дејствија во рамки на своите надлежности, со цел да се спречи, како што велат, оваа тортура и флагрантно кршење на загарантираните човекови права кои согласно Уставот ги има и осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13.