Инспекторите го проверувале начинот на формирање на откупните цени, условите под кои се врши откупот, како и механизмите по кои откупните центри ги утврдуваат и менуваат цените на пазарот

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) спровела вонредни контролни активности во над 30 откупни центри за земјоделски и градинарски производи на територијата на Гевгелија, Струмица, Кривогаштани и Ресен, при што се утврдени првични индиции за можни прекршувања на законските прописи.
Главен фокус на инспекциските надзори, кои се реализирале преку непосредни увиди и прибирање документација, бил откупот на пиперката и јаболкото. Инспекторите го проверувале начинот на формирање на откупните цени, условите под кои се врши откупот, како и механизмите по кои откупните центри ги утврдуваат и менуваат цените на пазарот.
„При досегашната обработка на прибраните податоци и документација се утврдени одредени индиции кои упатуваат на можни прекршувања на прописите од надлежност на Комисијата. Комисијата во наредниот период ќе продолжи со детална анализа и проверка на прибраните податоци и документација, по што, согласно утврдените факти и законските овластувања, ќе бидат преземени соодветни мерки“,
информираат од КЗК.
Од Комисијата ја потврдуваат својата определба за доследно спроведување на правилата за пазарна конкуренција и најавуваат дека ќе продолжат активно да постапуваат во сите случаи каде што постои сомнеж за нивно нарушување, со цел да се обезбедат еднакви пазарни услови и да се заштитат интересите на сите учесници на пазарот.
