Пратениците на кои ова им е прв мандат во јуни првпат ќе влезат на седница во „вистинската“ пленарна сала
Безмалку една година по конституирањето на овој собраниски состав, пратениците се селат во старата сала за одржување пленарна седници. Салата во моментов се варосува и дезинфицира и планот е таму да се одржи првата седница следниот месец, на 8 јуни.

Спикерот Талат Џафери вели дека со вакцинирањето на сите пратеници се создадни услови тие да се вратат во салата број 1, така што пленарните седници веќе нема да се одржуваат во салата со куполи, која беше оспособен како пленарна поради пандемијата со ковид-19 и потребата да се одржува дистанца меѓу пратениците.
Со тоа, пратениците на кои ова им е прв мандат во јуни првпат ќе влезат на седница во „вистинската“ пленарна сала.
За разлика од салата со куполи, каде што пратениците гласаа со картончиња во три бои, во старата сала гласањето е електронско, а исто така е овозможено медиумите да ги следат седниците од галеријата.

Џафери вели дека пред пратениците да влезат во старата сала, каде што не може да се одржува физичка дистанца, ќе ја консултира Комисијата за заразни болести за тоа дали се потребни нови протоколи. Засега предвидено е пратениците и натаму да седат со маски на седниците, освен кога имаат дискусија.