Одлуките на Врховниот суд премиерот денеска ги оцени како уште едно големо разочарување
Од опозициската партија сметаат дека Обвинителството, судовите, Агенцијата за нaционална безбедност (АНБ) и полицијата се под негова контрола
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска оценија оти премиерот Христијан Мицкоски со својата изјава за одлуките на Врховниот суд, со кои се укинати пресудите за предметот „Ласкарци“ и за поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, признал дека тој ги контролира институциите што гонат и апсат.

Како уште едно големо разочарување, Мицкоски денеска ги оцени одлуките на Врховниот суд.
„Вие бркате, затварате, тие ги пуштаат на слобода. Ова го рече премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги одлуките на Врховниот суд за ‘Ласкарци‘ и Јакимовски. Како еден премиер да брка и да затвора? Како еден премиер да гони?“,
прашувата од партијата.
Тоа, според СДСМ, е уште еден доказ дека Обвинителството работи по негов налог.
„Тој повеќе ниту се крие. Тоа го кажува јавно-на телевизија, во Собрание, каде сака. Премиерот не е обвинител. Премиерот не е судија. Премиерот не е полициски инспектор. Но, Мицкоски јавно признава дека ‘тие‘ бркаат и затвораат, а ‘другите‘ (повторно тие) пуштаат“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму сметаат дека Обвинителството, судовите, Агенцијата за анционална безбедност (АНБ) и полицијата се под негова контрола.
„Правдата е селективна. Институциите се инструмент на политичка волја. Кога сакаат-гонат. Кога сакаат-се оградуваат. Кога сакаат-пуштаат, затвораат. Ова е владеење на една организирана криминална група што ги зароби институциите и јавно се фали со тоа“,
додаваат од партијата.
Од СДСМ бараат итно враќање на независноста на Обвинителството и судството.
„Премиерот не смее да гони и да апси. Законот мора да важи еднакво за сите, не според наредба од владината фотелја“,
пишува во соопштението.
Мицкоски денеска рече дека ваквата одлука не е разочарување само за него, туку и за граѓаните.
Како и неговата партија претходно денеска, и тој укинувањето на пресудата на Апелација им ја припиша на остатоци од претходната влада на СДСМ и ДУИ во правосудството, кои, според него, грчевито се обидуваат да ги заштитат луѓето што биле дел од таа влада.
Ги повика своите колеги од земјите членки Европската Унија (ЕУ) да ги следат овие примери и да видат, како што рече, „со кого ние имаме работа и со кого ние во суштина имаме предизвик да се бориме“.
„Понекогаш имам и чувство дека со ветерници се бориме, како да е сето ова донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода, луѓе за коишто постои основано сомневање, односно правосилна судска пресуда. И како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било. Тоа за нив ништо не значи, бидејќи од тој којшто ги назначил, нивниот стопан, нивниот газда добиле таква наредба. Тоа е едно големо разочарување“,
рече Мицкоски.
Вчера од Врховниот суд соопштија дека Советот за казниви дела ја укинал пресудата на Апелацискиот суд Скопје за автобуската несреќа кај селото Ласкарци со која на дел од осудените им беа зголемени казните што Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
Што се однесува до одлуката на Врховен за ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо, оттаму исто така вчера соопштија дека се укинати пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и на Апелацискиот суд Скопје, откако Советот за казниви дела при Судот го уважил барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, кое било поднесено преку неговиот бранител, адвокатот Виктор Светковски од Куманово.
