Неколку пожари избувнаа вчера и претходните денови на црногорското приморје. Во моментов пожарникарите се борат со пожарите во Пераст, Чрвње, над Каменар и во Горњи Столив
Пожарот што вчера попладне го зафати локалитетот Црвени плажи во Бар е ставен под контрола, изјави рано утринава за порталот „Бар инфо“ заменик-командантот на Службата за заштита и спасување Ацо Вулевиќ.
Како што јави ТВЦГ, воспоставен е патниот сообраќај, додека железничкиот сообраќај се уште е во прекин. Без електрична енергија се уште се селата Витиќи и Перановиќи. Гаснењето на пожарот го отежнува ветерот кој често го менува правецот, како и непристапниот терен.
„Ситуацијата во врска со пожарот е малку порелаксирана. Добра работа завршивме досега. Нема напуштање на теренот додека не завршиме. Огнот се уште гори, но е под наша контрола. Набљудуваме, целиот персонал е на терен, нема ни за момент опуштање. Еден крак што се прошири на високо место ќе можеме да го изгаснеме само со помош на хеликоптери кои ги очекуваме утрово. Дотогаш ќе биде вклучена сета расположлива механизација, а народот будно ќе следи и постапува“,
изјави Вулевиќ.
Тој појасни дека северозападниот крак на пожарот (над плажата и ресторанот „Запа“) е под контрола, а истото важи и за делот над и под пругата. Значителен дел од работната сила е распоредена и во регионот на зелениот појас, каде што пожарникарите ги штитат куќите до кои пожарот опасно се приближил.
Сообраќајот на потегот од Шушање до Сутоморе, кој во неколку наврати беше прекинат поради голем пожар во Зелен појас, повторно е воспоставен и по неколкучасовен прекин, возилата повторно се движат на овој дел од Јадранската магистрала, иако сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.
Претседателот на општина Бар Душан Раичевиќ синоќа изјави дека утрово се очекува помош од хеликоптерската единица на Армијата на Црна Гора.
Bar gori! Nemam riječi! pic.twitter.com/jA7sfHl92n
— Marko Begović (@BegovicMarko) August 10, 2022
Пожар од големи размери вчера попладне го зафати просторот над Црвени плажи, меѓу Бар и Сутоморе. Еден пожарникар е повреден, но не е во животна опасност. Неколку населени места останаа без струја.
Претходните денови пожар го зафати и ридот над градот Пераст, кој е под контрола, но се уште се гледа чад.
Полицијата во Херцег Нови вчера уапси деветнаесетгодишно момче, поради сомнение дека подметнал десет пожари на територијата на таа општина.