Во местото Чрвањ во близина на градот Бар во Црна Гора во попладневните часови изби пожар кој се шири со голема брзина, а неговото гаснење е отежнато поради силниот ветер и тешко пристапниот терен и затоа ситауцијата е алармантна, пренесува РТЦГ.
Пожарот избил над плажите во Чрвањ, а според првичните информации огнот зафатил голем дел од вегетацијата покрај локалниот пат и куќите во населбата Витичи. Локалните медиуми пренесуваат дека железничкиот сообраќај неколку часа е во целосен прекин, бидејќи огнот се проширил и во близина на пругата.
„Сите расположливи сили и сите служби се на терен. Се плашиме за куќите кои се наоѓаат во близина на пругата. Силниот ветер ни го оневозможува гаснењето на огнот”,
рече пожарникарот Ацо Вулевиќ.
Началникот на црногорската служба за заштита и спасување Дарко Видаковиќ за ТВЦГ кажа дека ситуацијата е алармантна и дека постои опасност огнот да ги зафати и дел од куќите. Населбите Витичи и Перановичи останале без струја, а сообраќајот на магистралниот пат помеѓу Бар и Сутоморе се одвива по една лента. Одредени медиуми пренесуваат и дека како резултат на огромните колони на магистралниот пат, противпожарните возила не можат да се пробијат до местата од каде треба да се пристапи кон гасење на огнот.