Како што информира деканот Јосифовски, донесени се интервентни одлуки за да се спречи проширување на проблемот кон соседните објекти. Најважната, вели тој, е градежната јама веднаш да се затрупа и да се врати во првобитна состојба, па дури потоа да се бараат решенија, мерка со која се согласиле и градоначалникот и инвеститорот

Во законската регулатива во Македонија не постои задолжение за изведба на проект за заштита на градежни јами и токму оттука настануваат сите проблеми со свлечиштата во изминатите неколку месеци. На ова денеска предупреди деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, кој побара итна реевалуација на сите процедури. Тој вели дека недоволно се посветува внимание на градежните работи, особено во густо изградените урбани средини како центарот на Скопје.
„На едно од претходните случувања имавме и човечки жртви, односно човечка загуба, што е нешто најстрашно што може да се случи. Сметам дека треба да се разбудиме, треба сите институции во својот домен да го направат она што е потребно“,
рече Јосифовски додавајќи дека факултетот и професионалната фела се ставаат на располагање за да дадат согледувања и инструкции за овие состојби да не се повторуваат.
По барање на Општина Центар, која доставила писмо со барање за совет за санирање на актуелното свлечиште во центарот на Скопје, во општинските простории се одржал итен кризен состанок.
Како што информира деканот Јосифовски, донесени се интервентни одлуки за да се спречи проширување на проблемот кон соседните објекти. Најважната, вели тој, е градежната јама веднаш да се затрупа и да се врати во првобитна состојба, па дури потоа да се бараат решенија, мерка со која се согласиле и градоначалникот и инвеститорот.
„Тоа беше исто спомнато на вчерашниот состанок, дека мора да има тврди прегради, да се заштити просторот, зашто вака не ги задоволува критериумите на заштита и има опасност од некаков дополнителен немил настан“,
вели Јосифовски.
Вакви инциденти, според професорот, се случуваат зашто не се следат позитивните искуства и практики за заштита за градежни јами, а и инспекторите се дефицитарни. Јосифовски посочи дека Општина Центар во моментов нема соодветен инспектор што може да излезе на терен и да направи стручен увид.
По прегледот на техничката документација за конкретниот случај, лоцирана е и директна одговорност кај изведувачите на терен.
„Со оглед на тоа што имав увид и во техничката документација конкретно за овој проблем, морам да кажам дека работите не се изведени и заштитата не е направена согласно постојната техничка документација, што значи немало ни стручен надзор на терен, инженер со овластување кој е задолжен тоа да го прави, кој имал шанса и да реагира и да бара да бидат изведени работите на терен како што се проектирани“,
додаде Јосифовски.
Првично за свлечиштето на земја на градилиштето преку објава на Фејсбук алармираше здружението „Во одбрана на Буњаковец“ од каде што споделија и видео од инцидентот. Според групата, свлечиштето настанало на градилиште на спојот на улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и, како што наведуваат, се работело за време на државен празник.
Во инцидентот, кој го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР), бил затрупан и багерот што работел на градилиштето, а работникот што управувало со него за среќа навреме успеал да излезе од него.
Според МВР, настанот се случил на улицата „Христо Смирненски“, при ископ на дупка за изградба на зграда. Како што соопштија оттаму, во инцидентот биле оштетени делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера врз возило кое било паркирано во непосредна близина.
Вчера, од Општина Центар информираа дека се изречени најстроги законски казни и санкции во согласност со Законот за комуналните дејности.
Инспекциските служби на Општина Центар по извршениот увид констатирале сериозни оштетувања на јавната инфраструктура и низа неправилности во изведбата на градежниот објект.
При надзорот на терен, кој е спроведен во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР), Државниот градежен инспекторат и Секторот за урбанизам, евидентирани се оштетувања на коловозот, тротоарот, канализациската мрежа и уличното осветлување.
