Во инцидентот, кој го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР), бил затрупан и багерот кој работел на градилиштето, а работникот кој управувало со него, за среќа навреме успеал да излезе од него
Првично за свлечиштето на земја на градилиштето, преку објава на Фејсбук алармираше здружението „Во одбрана на Буњаковец“ од каде споделија и видео од инцидентот
Свлечиште на земја денеска настанало на градилиште на територијата на општина Центар при што се оштетени делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера врз возило кое било паркирано во непосредна близина.

Во инцидентот, кој го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР), бил затрупан и багерот кој работел на градилиштето, а работникот кој управувало со него, за среќа навреме успеал да излезе од него.
Според МВР, настанот се случил на улицата „Христо Смирненски, при ископ на дипка за изградба на зграда.
„Денеска (25.05.2026) околу 13:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. ‘Христо Смирненски’ при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина – багер, ангажиран од фирма инвеститор, настанало свлечиште на земјата, при што бил затрупан багерот, но лицето кое го управувало навреме излегло. Од свлечиштето оштетени се делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера која оштетила возило ‘дачија сандеро’, сопственост на Е.М.“,
се вели во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека за случајот се известени Центарот за управување со кризи (ЦУК), ЕВН и други институции, а на местото на настанот биле упатени полициски службеници. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Инаку, првично за свлечиштето на земја на градилиштето, преку објава на Фејсбук алармираше здружението „Во одбрана на Буњаковец“ од каде споделија и видео од инцидентот. Според групата, свлечиштето настанало на градилиште на спојот на улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, каде како што наведуваат се работело за време на државен празник.
„Свлечиште на спојот на улица ‘Христо Смирненски“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“ поранешен „Иво Лола Рибар“. Колапс на земјиштето под асфалтот до новото градилиште што работеше и на државен празник. Оштетена е целата инфраструктура – кабли за струја, телекомуникации… Дали се загрозени и коловозите и тротоарите на булеварот и улицата – проценете сами“,
се вели во објавата на групата на Фејсбук.
Од Здружението упатија апел до Инспекторатот на Општина Центар, Општина Центар – Скопје, како и до градоначалниникот на Општината, Горан Герасимовски и градоначалникотна градот Орце Ѓорѓиевски, да постапат итно и координирано за заштита на јавниот простор и безбедноста на граѓаните.
Во друга објава од „Во одбрана на Буњаковец“ велат дека сличен случај имало пред три години на улицата „9 мај и прашуваат:
„Дали потоа имаше некои последици по инвеститорите, инспекторите, надлежните институции, било кој што беше дел од синџирот на одговорност?“,
се вели во објавата.
За потсетување, на 24 април еден работник загина, а тројца беа повредени откако беа затрупани при ископ на градилиште во скопската општина Кисела Вода. Еден од работниците беше извлечен мртов, а другите тројца со повреди беа пренесени на Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“.
