Наспроти Џафери, кој смета дека распуштениот парламент не може да заседава повторно, Петковски прашува кој би прогласил воена состојба во случај некој да ни објави војна
Претседателот на парламентот Талат Џафери има уставна обврска да го свика Собранието, оценува претседателот на НСДП, Тито Петковски, кој беше на чело на вториот состав на законодавниот дом.
Во интервју за „Слободен печат“, Петковски вели дека не случајно во Уставот се предвидени само две ситуации за повторно свикување на парламентот, во услови на вонредна и на воена состојба.
„Мислам дека спикерот Џафери, уште првиот пат при прогласувањето вонредна состојба направи грешка што не го свика Собранието, иако според Уставот и шефот на државата го има тоа право. Тезата на претседателот на Собранието дека еднаш распуштено Собрание не може повторно да се свика е погрешна од две основни причини. Првата е што во Уставот има норма која предвидува дека Собранието е во постојано заседавање, и втората е дека мандатот на пратениците завршува со изборот на новиот состав на Собранието. Уставот е дециден – мандатот на пратениците истекува до изборот на новиот состав на Собранието и тоа е основата поради која тој сè уште е претседател на Собрание, а пратениците се сè уште пратеници со мандат во парламентот. Тоа значи дека овој собраниски состав сè уште го има суверенитетот на граѓаните“,
оценува поранешниот претседател на парламентот и долгогодишен пратеник.
Не дај Боже, вели Петковски, да имаме некоја претпоставка дека некој сака да ѝ објави војна на Македонија. Тогаш, прашува тој, кој ќе ја прогласи воената состојба.
Џафери не излезе се уште со став во однос на иницијативата на 35 пратеници за свикување итна седница на Собранието, со цел да се потврдат двете одлуки на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба. Првиот парламентарец изјави вчера за „360 степени“ дека нема право со индивидуален акт да закаже седница и со тоа практично да ја поништи одлуката на пратениците да се распуштат.
Наспроти иницијативата што ја покрена СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, порачаа денеска дека Собранието не може да заседава.