Од утрово во Основниот суд во северниот дел на Косовска Митровица се поднесуваат оставки, а полициските службеници ја раздолжуваат опремата и оружјето. Исто така и десетте пратеници на Српската листа во Собранието на Косово утринава ги вратија мандатите

Србите од северот на Косово продолжија да ја формализираат својата одлука за повлекување од косовските институции. Од утрово во Основниот суд во северниот дел на Косовска Митровица се поднесуваат оставки, а полициските службеници ја раздолжуваат опремата и оружјето.
Десет пратеници на Српската листа во Собранието на Косово утринава ги вратија мандатите, а од Секретаријатот на Собранието потврдија дека сите пратеници на Српската листа ги вратиле мандатите со образложение дека тоа го прават од морални и лични причини, пренесуваат српските медиуми.
„Управата во Секретаријатот на Собранието ги прифати оставките и уредно ги евидентираше во протоколот“,
соопштуваат од Секретаријатот.
Српски полицајци од четири општини од северот на Косово кои поднесоа оставки доаѓаат во полициската станица во Косовска Митровица за да ја вратат опремата и оружјето. Српските медиуми јавуваат дека во станицата во Косовска Митровица доаѓаат поединечно или во помали групи.
Повеќе од 300 српски полицајци во неделата ги напуштија косовските полициски сили со поднесување оставки и откажување од униформите.
Тие се собраа пред станицата во Косовска Митровица, носејќи ги во раце оставките, а потоа влегоа во зградата на станицата.
Градоначалниците и советниците на четири општини на северот на Косово во неделата и официјално поднесоа оставки.
Во саботата Србите од северот на Косово донесоа одлука да ги напуштат косовските институции поради одбивањето на Приштина да ја суспендира одлуката за пререгистрација на возилата и нејзиното одбивање да формира заедница на српски општини.