Во придружба на лидерите на политичките партии, на средбата се присутни и повеќе ексминистри за здравство
Во Владата започна координативната средба на лидерите на поголемите политички партии, која се одржува на иницијатива на премиерот Оливер Спасовски, а се однесува на актуелната ситуацијата со коронавирусот во пресрет на парламентарните избори.

Повеќето партиски претставници дојдоа во придружба на членови од партиските комисии за здравство.

Како што регистриравме, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дојде со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој е поранешен министер за здравство.

Со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села дојде актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, кој исто така е и ексминистер за здравство.

Според партиски извори, можно е да се отвори прашањето за свикување на распуштениот парламент доколку се појави потреба од тоа, на пример, за носење ребаланс на буџетот за пренамена на средства за справување со ситуацијата во вирусот.

Не се исклучува и можноста за прогласување вонредна состојба, доколку се наметне таква нужност, за што одлука би требало да донесе претседателот на државата, согласно уставните одредби, а со оглед на тоа што парламентот е распуштен.

*Поврзана вест
Спасовски утрово изјави дека буџетот моментно е ликвиден и дека засега нема потреба од ребаланс. Може да се отвори и прашањето за евентуално одложување на изборите или за поинаков стил на кампањите.
Според најавите, на средбата учествуваат лидерите и по уште еден претставник на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
По средбата најавена е изјава на премиерот Оливер Спасовски.