Техничкиот премиер апелира на одговорност, како од граѓаните така и од бизнис-заедницата и вели дека инспекциите се пуштени на терен
Буџетот е ликвиден, а економскиот тим на Владата ја следи моменталната ситуација со ширењето на коронавирусот и нуди мерки и решенија за економијата на земјата, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски во „Утрински брифинг“.
„Буџетот во овој момент е ликвиден. Сите набавки што ги правиме се во рамките на буџетите на министерствата. Сега-засега нема потреба од ребаланс, но тоа не е состојба која е исклучена, не само кај нас туку кај сите. Бевме сведоци, како што рече и германската канцеларка, дека опасноста од огромно зафаќање на населението од коронавирус е многу веројатно, но и дека буџетот е толку отворен што не размислуваат за својот дефицит. Во тој дел сме подготвени. Економскиот тим на Владата прави анализи и во одреден момент, ќе понудиме мерки и решенија за економијата за сите заедно да го пребродиме овој период“,
рече Спасовски на гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ .
Техничкиот премиер апелира на одговорност како од граѓаните така и од бизнис-заедницата.
„Во реалниот сектор донесовме препораки дека треба да бидеме на висина на сопствената одговорност е повеќе од сигурно. Затоа во повеќе наврати апелирав до граѓаните да бидеме одговорни. Тука е секако опфатена бизнис-заедницата, но од друга страна апелирам дека оваа состојба не е состојба на искористување. Но гледам дека во државата ни се случува и таква активност“,
рече премиерот.
Спасовски предупреди дека никој не треба да профитира на грбот на граѓаните и дека инспекциите се на терен.
„Пуштени се инспекциите на терен, затоа што имаме состојба кога некој сака да ќари врз грбот, здравјето на граѓаните. Не сакам ни да замислам дека денеска може било која компанија да гледа низ призма на сопствениот профит. Колку повеќе луѓето се загрижени за здравјето, па да ги качуваат цените на продуктите. Во овие услови кога сите се бориме за справување со состојбата, никој не смее да профитира врз грбот на граѓаните“,
изјави Спасовски за „Утрински брифинг“
*Поврзани вести: Политичкиот врв попладне на координација: Одложување на изборите – тешка, ама не и неизводлива операција