Судот го прифати барањето на одбраната на обвинетиот рочиштето да се одложи и нему и на неговиот адвокат да им бидат доставени доказите прибрани од Обвинителството
Само што почна, веднаш се одложи првото рочиште во Основниот суд Охрид за нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“. Следното рочиште е закажано за 5 април. Обвинетиот Илија Спасески со својот адвокат дојде на првото рочиште во охридскиот Основен суд.

Судот го прифати барањето на одбраната на обвинетиот рочиштето да се одложи и нему и на неговиот адвокат да им бидат доставени доказите прибрани од Обвинителството.
Во врска со барањето да сведочи и нападнатиот Пендиков, кој во моментот е во Бугарија, обвинителите рекоа дека не се знае кога тој ќе може да присуствува.
„Не знаеме кога тој ќе може да дојде во судот поради здравствени причини“,
рекоа обвинителите.
Судскиот процес во Основниот суд во Охрид го води судијата Бојан Мартиноски, а на напаѓачот ќе му се суди за кривично дело напад од омраза со тешки повреди.
Основното јавно обвинителство – Охрид за нападот врз Пендиков поднесе обвинение против две лица. Едниот обвинет досега се бранеше со молчење и, како што информираа претходно од Обвинителството, тој се товари за кривичното дело по увид во надзорните камери и изјави на сведоци. Вториот обвинет, пак, кој беше во бегство, беше приведен на 21 овој месец во Битола.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид од надлежниот суд побара на 23-годишниот битолчанец, кој е второосомничен за нападот на Христијан Пендиков, привремено да му биде одземен пасошот и да му се забрани употреба на личната карта за преминување на државната граница.
Дополнително, според предложените мерки на претпазливост, тој на секои седум дена ќе биде обврзан да се јавува кај службено лице или кај надлежен државен орган.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во кафе-бар во Охрид. Нападот над Пендиков предизвика бура во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, речиси веднаш откако младиот охриѓанец беше нападнат. Официјална Софија прати владин авион по него, го транспортираше во Софија, а потоа го упати на лекување во Воено-медицинската академија (ВМА), каде што закрепнуваше од нападот. Откако излезе од болница, Пендиков се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев, кој го употреби случајот за да изјави дека нема да толерира насилство над Бугарите во Северна Македонија. Министерството за надворешни работи на Бугарија, пак, најави дека ќе му даде државјанство на Пендиков, дека ќе добие стан во Софија додека е во земјата и лично обезбедување.
Но, и во Бугарија се појавија критички гласови за користењето на случајот Пендиков, особено што, како што објавија повеќе извори, тој воопшто не бил бугарски државјанин. Пратеникот и поранешниот министер за иновации Даниел Лорер, од редовите на „Продолжуваме со промените“, додаде и дека еден од напаѓачите бил бугарски државјанин.
Набрзо откако случајот доби меѓународни димензии, под лупата на медиумите се најде и самиот Пендиков. Како што покажа и мини-истражувањето на „360 степени“, Пендиков до скоро се декларирал како патриот и тврдокорен Македонец. На своите профили на социјалните медиуми има многубројни фотографии од негови активности со патриотски здруженија, како и негово политичко учество во младите сили на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и неколку протести на партијата.