Мерките за претпазливост што ги предлага Обвинителството следуваат откако охридската полиција вчера го приведе младиот битолчанец кој е вториот осомничен за нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, кој се случи на 19 јануари годинава пред кафе-бар во Охрид
Од ОЈО Охрид додаваат дека во моментов се собираат докази со цел да се проверат наводите кои се изнесени во поднесената кривична пријава против осомничениот. За таа цел, како што посочуваат, во својство на сведок, во процесот неопходно е да учествува и оштетениот (Христијан Пендиков)
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид од надлежниот суд побара на 23-годишниот битолчанец, кој е второосомничен за нападот на Христијан Пендиков, привремено да му биде одземен пасошот и да му се забрани употреба на личната карта за преминување на државната граница.
Дополнително, според предложените мерки на претпазливост, тој на секои седум дена ќе биде обврзан да се јавува кај службено лице или кај надлежен државен орган.
Мерките за претпазливост што ги предлага Обвинителството следуваат откако охридската полиција вчера го приведе младиот битолчанец кој е вториот осомничен за нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, кој се случи на 19 јануари годинава пред кафе-бар во Охрид.
„На 19 јануари, осомничениот, заедно со уште едно лице против кое веќе се води постапка и е поднесено обвинение, од омраза поради националната и етничката припадност нападнале еден оштетен кој се изјаснувал како Бугарин, го удирале со раце и нозе по главата и телото и тешко телесно го повредиле“,
се наведува во соопштението на ОЈО Охрид.
Од Обвинителството додаваат дека во моментов се собираат докази со цел да се проверат наводите кои се изнесени во поднесената кривична пријава против осомничениот. За таа цел, како што посочуваат, во својство на сведок, во процесот неопходно е да учествува и оштетениот (Христијан Пендиков).
„Со оглед на тоа, Основното јавно обвинителство Охрид ќе се обрати до надлежните органи во Република Бугарија за да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште“,
додаваат од Охридското обвинителство.
Откако беше нападнат во Охрид, секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, со бугарски владин авион беше пренесен и хоспитализиран во Софија.
В. д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, неодамна изјави дека Пендиков наскоро ќе добие бугарско државјанство, а ќе му бидат обезбедени и привремено живеалиште и лично обезбедување додека престојува во Бугарија.
Бугарските медиуми вчера јавија дека првиот осомничен напаѓач на Пендиков, против кого беше поднесено обвинение и кому му беше одредена мерка притвор, е пуштен на слобода, но дека му е одземен пасошот. Тој, инаку, е и бугарски државјанин.