Турските власти соопштија дека 70 лица биле спасени од под урнатините
По земјотресот со интензитет од речиси седум степени по Рихтер, области во Турција и Грција се тресеа уште 84 пати, од кои 16 беа посилни од четири степени, јави Си-Ен-Ен Турк. Измир во Турција и островот Самос во Грција беа најпогодени.
Турските власти соопштија за најмалку 12 лица загинати и повеќе од 400 повредени, додека 70 биле спасени од урнатините. Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани во урнатините на 12 згради во Измир.
На грчкиот остров Самос се пронајдени двајца загинати тинејџери, а уште четири лица се хоспитализирани со полесни повреди.
Во Самос се издадени предупредувања за високи бранови.
По силниот земјотрес во 11:51 часот, следувале земјотреси од 4,9 степени во 13 часот и 5,2 степени во 15.14 часот.
Епицентарот на последните два земјотреси, според податоците објавени на веб-страницата earthquaketrack.com, бил во близина на островот Самос, на само триесетина километри од познатото турско летувалиште Кушадаси.