Во Брисел денеска треба да продолжи дијалогот за нормализирање на односите помеѓу Белград и Приштина. Предвидено е да се сретнат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, а домаќини на состанокот се високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Јозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.
ЕУ соопшти дека на средбата ќе бидат разгледани прашања за малцинските заедници, меѓусебните побарувања и имотот, како дел од патот кон сеопфатен договор за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
Вучиќ вчера пристигна од Вашингтон во Брисел, каде што се состана со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
Српскиот претседател најави дека на денешниот дијалог ќе се разговара за три клучни теми: исчезнатите лица, внатрешно раселените лица и економијата.
Косовскиот премиер Хоти, пак, најави дека денеска со Вучиќ ќе разговара за конечниот договор за заемно признавање и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
Дијалогот помеѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ се обнови во јули годинава со состанок на Вичиќ и Хоти, откако 20 месеци беше замрзнат поради воведувањето такси од 100 проценти од страна на Косово за увоз на стока од Србија.
Минатата недела Вучиќ и Хоти имаа средба во САД, каде што и потпишаа договор за нормализација на економските однос.
*Поврзани вести:
Вучиќ и Хоти потпишаа економски договор во Белата куќа: Трамп најави посета на Србија и на Косово
Вучиќ тврди дека потпишал билатерален договор со САД, а не и со Косово
Гренел со спротивна изјава од Вучиќ: Србија и Косово потпишаа договор, САД не се потписници