Српскиот претседател рече дека двата договори со САД имаат по 16 точки, но дека не се исти за двете страни
Српскиот претседател Александар Вучиќ по потпишувањето на договорот во Белата куќа изјави дека е задоволен и дека станува збор за билатерален договор со САД, а не за трилатерален и со Приштина, повторувајќи дека „трета страна не е призната како предмет на меѓународното право“.
„Разговаравме за многу теми и претседателот Доналд Трамп изрази желба да дојде во Србија. Направивме добар договор за Србија, постигнат е огромен чекор напред. За нас е многу важно преку овој договор директно да ги регулираме односите со најголемата сила во светот и пред сè да се занимаваме со економијата. Направивме билатерален договор со САД, третата страна не е призната, што е многу важно за нас“,
напиша Вучиќ на Твитер.
Според него, договорено е да се отвори канцеларија на Фондот за развој на САД во Белград.
„Американците ќе работат со нас и ќе ги надгледуваат големите проекти – изградба на автопат до Приштина, така што Албанците ќе треба да го направат својот дел од патот. Се договоривме како да се изгради пруга и како да се поврзе Приштина со централна Србија“,
рече Вучиќ.
Тој оцени дека договорот потпишан во Вашингтон подразбира дека Американскиот фонд за развој отвора канцеларија само во Белград, а не во Приштина, како и никаде на друго место во регионот и посочи дека е многу горд на тоа.
Вучиќ изјави дека договорот се однесува на „економијата и некои политички прашања“.
„Ова беа тешки разговори. Ние сме искрено задоволни од она што го постигнавме“,
додаде Вучиќ, наведувајќи дека Србија нема од што да се срами, особено ако се има предвид дека САД го имаат признато Косово и тоа нема да го повлечат.
Тој изјави и дека му е благодарен на Трамп, „особено за долгата билатерална средба со српската делегација“.
„Поминав петнаесетина минути сам со него. Тој изрази желба да дојде во Србија и јас му испратив официјална покана“,
рече Вучиќ, додавајќи дека двата договори со САД имаат по 16 точки, но дека не се исти за двете страни.
Претседателот на Србија, одговарајќи на новинарско прашање во врска со косовската делегација, која доцнеше дваесетина минути, рече дека косовскиот министер за правда бил многу лут за прашањето за Газивода и за „мини Шенгенот“, што најверојатно му го соопштил на Рамуш Харадинај, како и за отстранување на точката 10 (за признавање на Косово).
„Исто така, видовте како Гренел ја смени изјавата, како што рече: ‘сакавме да го изненадиме Вучиќ со тоа’. Така тие не изненадија, само што не не удри шлог кога го видовме тоа, па затоа побаравме да одиме во просторија од шест квадратни метри. Јас им реков:’ се враќаме и очигледно дека преговорите се завршени’. Американците беа фер, нè сослушаа и рекоа дека разбираат: ‘ако помине, помине’ – но, не помина“,
изјави Вучиќ.