Договорот што вчера го потпишаа Србија и Косово во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп е вест број еден во регионот, за кој по потпишувањето имаше низа изјави од двете страни. Тој се однесува на нормализација на економските односи помеѓу Белград и Приштина, а неговата содржина веќе се појави и во медиумите од регионот.
Телевизијата Н1 ја објави интегралната содржина и наведува дека тој има 16 точки. Првите 15 се исти и за Србија и за Косово, додека 16 точка се разликува.
Според објавеното, содржината на договорот е следна:
- Двете страни ќе го спроведат договорот за автопат Белград-Приштина, потпишан на 14 февруари 2020.
- Двете страни ќе го спроведат договорот за пруга Белград-Приштина, потпишан на 14 февруари 2020 – Покрај тоа, двете страни се обврзуваат на заедничка студија за изводливоста и можностите за поврзување на железничката инфраструктура Белград-Приштина со Јадранското море
- Косово (Приштина) и Србија (Белград) ќе соработуваат со Меѓународната финансиска корпорација за развој на САД и ЕКСИМ банката на САД за меморандуми за разбирање со цел да се постигне следното: автопат на мирот; железничко поврзување помеѓу Приштина-Мердар и Ниш-Приштина; обезбедување средства за заеми за мали и средни претпријатија; дополнителни билатерални проекти; постојано присуство на американската Меѓунардона финансиска корпорација за развој во Белград.
- Двете страни ќе го отворат и заеднички ќе управуваат со преминот Мердар
- Двете страни ќе се приклучат на мини-шенген зоната која Србија, Албанија и Северна Македонија ја основаа во октомври 2019 година и во целост ќе ги искористат нејзините предности
- Двете страни меѓусебно ќе си ги признаат дипломите и професионалните сертификати
- Двете страни ќе соработуваат со Министерството за енергетика на САД и со други институции во американската влада за изработка на студија за потребата од поделба на езерото Газивода/Ујмани, како сигурен извор за снабдување со вода и енергија
- Двете страни ќе го диверзифицираат снабдувањето со енергија
- Двете страни ќе забранат употреба на 5Г мрежа од несигурни добавувачи. Онаму каде таква постои, тие се обврзуваат дека ќе ја отстранат навремено
- Двете страни ќе ја зголемат контролата на патниците во авионите, ќе разменуваат информации меѓу себе и во поширока соработка со САД на Балканот ќе се посветат на унапредување на технологијата за борба против недозволени активности преку примена на скрининг систем обезбеден од САД
- Двете страни се обврзуваат да ја заштита и промовираат слободата на вероисповест, вклучувајќи ги обновувањето на меѓуверската комуникација, заштитата на верските објекти и спроведување на судските одлуки кои се однесуваат на Српската православна црква
- Двете страни се обврзуваат да ги забрзаат напорите за лоцирање и идентификување на исчезнатите лица. Двете страни се посветени на идентификување и спроведување на долгорочни, трајни решенија за бегалците и внатрешно раселените лица. Двете страни се обврзуваат да назначат лице кое ќе биде задолжено за овие активности во рамки на министерствата и за координација помеѓу Белград и Приштина, како и да обезбедува ажурирани информации на годишно ниво за бројот на решени и нерешени случаи
- Двете страни ќе работат на тоа да се декриминализира хомосексуалноста во 69-те земји каде таа е казнива
- Двете страни се обврзуваат дека го прогласат Хезболах за терористичка организација и целосно ќе ги спроведат мерките за ограничување на деловните и финансиските активности на Хеболах во рамки на нивните законодавства
- Косово (Приштина) ќе се согласи на едногодишен мораториум на нејзините апликации за членство во меѓународните организации. Србија (Белград) ќе се согласи на едногодишен мораториум на нејзината кампања за повлекувања на признавањето (на независноста на Косово) и ќе се воздржи од формални или неформални барања кон која било нација или меѓународна организација за непризнавање на Косово (Приштина) како независна држава
Последната точка, пак, се однесува на Израел.
Во документот кој се однесува на Србија се наведува дека Белград е согласна до 20 септември 2020 да отвори државна канцеларија во Ерусалим, а до 1 јули 2020 да ја префрли својата амбасада во Ерусалим.
Оваа точка во договорот за Косово, пак, предвидува дека Косово и Израел ќе имаат меѓусебни признавања.
*Поврзани вести:
Вучиќ и Хоти потпишаа економски договор во Белата куќа: Трамп најави посета на Србија и на Косово
Вучиќ тврди дека потпишал билатерален договор со САД, а не и со Косово
Гренел со спротивна изјава од Вучиќ: Србија и Косово потпишаа договор, САД не се потписници