Не поминаа ни 48 часа, а друштвото од 12 фудбалски гиганти, кои требаше да бидат дел од најавената Суперлига, се растури. Сите 6 тима од Англија официјално се повлекоа, а од челниците на Суперлигата најавија промени и ревидирање, но не се откажуваат од проектот.
Информацијата ја објавија по синоќешниот итен состанок, а во соопштението од Суперлигата се обвинува и дека бил вршен притисок врз премиерлигашите за да се откажат од учество. Сепак, се нагласува ставот дека овој проект е во согласност со европските закони и регулативи.
„Европската Суперлига е убедена дека моменталниот статус на европскиот фудбал мора да се промени. Предлагаме нов европски натпревар затоа што постојниот систем не функционира. Нашиот предлог има за цел да овозможи развојот на спортот преку генерирање ресурси и стабилност за целата фудбалска пирамида, вклучително и помагање во надминување на финансиските тешкотии со кои се соочува целата фудбалска заедница како резултат на пандемијата. Исто така, тоа би овозможило значително зголемување на плаќањата за солидарност на сите засегнати страни во фудбалот“,
пишува во соопштението на Суперлигата.
Имајќи ги предвид сегашните околности, тие најавуваат дека ќе ги преиспитаат најсоодветните чекори за промена на концептот на натпреварување.
Суперлигата беше најавена на 19 април, а како учесници беа најавени шест премиерлигаши (Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем), три тима од Шпанија (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико) и три од Италија (Милан, Интер и Јувентус). Флорентино Перез од Реал стана претседател на лигата.
Меѓутоа, дванаесетте фудбалски гиганти веднаш се соочија со бран незадоволство, но и закани од УЕФА и ФИФА. УЕФА се закани дека ќе ги исфрли овие клубови од своите натпреварувања, додека ФИФА соопшти дека ќе им забрани на играчите во овие клубови да настапуваат за своите национални тимови.