На Суперлигата жестоко се спротивставија и УЕФА и ФИФА. УЕФА, на пример, се закани дека ќе ги исфрли овие клубови од своите натпреварувања, додека ФИФА соопшти дека ќе им забрани на играчите во овие клубови да настапуваат за своите национални тимови
По само два дена откако беше најавена контроверзната Суперлига, два фудбалски гиганти се откажаа од неа.
Станува збор за Манчестер Сити и Челзи, кои се меѓу шесте англиски екипи од вкупно 12 европски клубови кои требаше да бидат дел од новоформираното натпреварување.
Информацијата ја објави „Би-би-си“ наведувајќи дека Манчестер Сити официјално се повлекол, а следен што ќе го направи истиот чекор ќе биде Челзи.
Двата премиерлигаши одлуката за повлекување од Суперлигата ја донеле под притисок на јавноста и незадоволството на своите навивачи.
Незадоволни од одлуката за учество на нивниот клуб во новото натпреварување од затворен тип, околу 1 000 навивачи на Челзи вечерва протестираа пред стадионот „Стемфорд бриџ“ пред премиерлигашкиот натпревар против Барнли.
Пред Манчестер Сити официјално да се повлече жестоки критики упати и тренерот на оваа екипа, Пеп Гвардиола, оценувајќи дека Суперлигата нема никаква врска со спортот.
Покрај овие два, останатите премиерлигаши кои беа најавени како дел од новото натпреварување се и: Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Ливерпул и Арсенал.
Другите шест европски гиганти кои беа најавени како дел од Суперлигата се: Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Барселона, Јувентус, Интер и Милан.
Патот на Сити и Челзи ќе го следат и други?
Незадоволни од најавеното ново натпреварување се и фановите на Манчестер Јунајтед. Токму под притисок на навивачите, како што пишува „Скај спорт“, извршниот потпретседател на Манчестер Јунајтед, Ед Вудворд, веќе поднел оставка.
Медиумите го споменуваат и Арсенал како следен клуб кој ќе се повлече, а на англиските клубови би можел да им се приклучи и Атлетико Мадрид.
„Спорт клуб“ пренесува и неофицијални информации дека и Барселона би можела да го напушти „суперлигашкото друштво“, па раководството размислува дали воопшто да го ратификува влезот на клубот во Суперлигата.
Спортските медиуми изминатите денови беа преплавени со вести за новото натпреварување, но како што пренесуваат дел од нив, сè уште не е јасно какви беа или сè уште се плановите за начинот на кој би функционирала на Суперлигата. Она што е познато е дека само за пристапување во Суперлигата, клубовите би добивале по 350 милиони евра, а победниците би освојувале повеќекратно поголеми премии од оние во Лигата на шампиони.
На Суперлигата жестоко се спротивставија и УЕФА и ФИФА. УЕФА, на пример, се закани дека ќе ги исфрли овие клубови од своите натпреварувања, додека ФИФА соопшти дека ќе им забрани на играчите во овие клубови да настапуваат за своите национални тимови.