Заменикот на народниот правобранител Јован Андоновски демантира дека ги надминал законските надлежности, како што тврди народниот правобранител Иџет Мемети. Демант стигна и од просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, кој го обвинува омбудсманот за „груби манипулации“
Еден од замениците на народниот правобранител, Јован Андовоски, испрати демант до „360 степени“ по вчера емитуваното интервју со народниот правобранител Иџет Мемети, во кое, меѓу другото, се говореше и за нивниот однос.
Во претходно емитуваниот прилог, каде што беше оставен простор за ставовите на Андоновски, заменикот на народниот правобранител изјави дека односите со Мемети му се нарушени бидејќи:
„Од страна на народниот правобранител беше побарано од мене да извршам промена во датумот на еден предмет, нешто што категорично го одбив зашто сметав дека е незаконски. Оттогаш наваму се изродија низа проблеми во нашата релација, који кулминираа со незаконско одземање на моите надлежности што ги имам добиено од Собранието, а произлегуваат од Законот за народен правобранител, значи не зависат од волјата на еден човек. Делумно ми беа вратени наделжностите, а областите на кои претходно работев ми беа одземени“,
изјави за „360 степени“ Јован Андоновски.
Во засебно интервју, народниот правобранител Иџет Мемети беше прашан за спорот со Андоновски. Одговори дека тврдењата на неговиот заменик не се точни.
„Реалноста е следна. При изготвување на годишниот извештај, утврдив дека во предмет има тоа што не е наш мандат. Почнал да истражува нешто што не е наш мандат и тоа можам отворено да го кажам. Додека ние водевме постапка за еден инспектор за труд, тој се жалеше кај нас за ние да ја следиме дисциплинската комисија во Инспекторатот за труд. И тоа е наш мандат, да го штитиме него, таа комисија дали ќе одлучува правилно… Господинот заменик почнал да истражува како професорите добиле дипломи, а никој не го барал тоа од него. Тоа е недозволиво. Не сум му дозволил тоа да се случи и го исфрлив од извештајот затоа што сме надвор од мандат. Утре, некој, или дотичните професори од Тетовскиот универзитет, ќе кажат кој ти дал одобренија и по која основа ти како омбудсман водиш таква постапка. Прифатив, го тргнав. Второто беше, тој беше на одмор, и кога се врати во институциите, сакал во службите да антидатира некој предмет дека го дистрибуирал пред неколку дена и реков не може така. Има член во Законот за народен правобранител, затоа што по Устав и закон народниот правобранител не е колективно тело. Народниот правобранител е еден и тоа во моментот, уште малку, сум јас, господине Попетревски. Ја искористив можноста и реков согласно член 8а, надлежностите што сум ти ги дал, ти ги одземам и не можеш да водиш такви предмети и сега тој води само еден дел од предметите“
изјави за „360 степени“ народниот правобранител Иџет Мемети.
Андоновски: Мемети сам се демантира
Според заменикот на народниот правобранител Јован Андоновски, Мемети во интервјуто зборувал за предмет поврзан со Инспекторатот за труд, а спорниот предмет меѓу двајцата бил за Просветниот инспекторат. Наспроти тврдењата на Мемети, вели Андоновски, „спорниот“ предмет кој Мемети го „тргнал“, сепак бил дел од годишниот извештај.
Ви ја пренесуваме интегрално реакцијата на Андоновски:
Најостро ги демантирам изнесените невистини и лаги од страна на НП Иџет Мемети во емисијата 360 степени на ден 19.10.2020 година. Во ниту еден момент во моето работење не сум ги надминал законските надлежности ниту сум превземал незаконски дејствија.
Во досегашното мое работење немало ниту една поплака или незадоволство од странка за моето постапување што е показател дека максимално професионално ја извршувам мојата работа на Заменик народен правобранител. Предметот за кој говореше Иџет Мемети се однесуваше на просветен, а не на трудов инспектор. Видно од предметот, подносителот на претставката побара од нас да превземеме низа дејствија: надзор над дисциплинската постапка која работодавецот ја водеше против него, како и непостапување на неколку државни органи односно недавање одговор на неговите писмени барања и дописи. Со ниту едно дејство не се пристапи кон проверка на начинот на кои лица стекнале научно или наставно звање на ДУТ како што изјави НП Мемети. За целиот тек на постапката, Иџет Мемети беше детално информиран, за што еден од доказите е и писмената информација доставена до него на ден 26.11.2019.
Иџет Мемети самиот се демантира со тоа што овој предмет го претстави како успешно сработен предмет со тоа што го објави во годишниот извештај за 2019 година. Предметот беше претставен во годишниот извештај на негово барање. (страна 115 од извештајот, НП бр. 1962/19)
Во врска со вториот дел од изјавата, во која вели дека сум се обидел да манипулирам со датум на предмет, сакам да појаснам дека електронскиот систем автоматски го генерира датумот на изработка на предметот. И тогаш, а и сега сметам дека е незаконски да се бара промена на датумот на предмет (антидатирање). Одбивам тоа да го направам во било какви околности исто како што го одбив и пред неколку месеци. Иџет Мемети незаконски ги одзеде надлежностите односно ми го одзеде правото на потпис, добиено од Собранието. Тој нема право да одземе право на потпис на лице избрано од страна на Собранието на РС Македонија.
И на крај, ако Заменик на Народниот правобранител, Јован Андоновски постапувал незаконски, како што тврди, дали Иџет Мемети превземал некои дополнителни мерки и ги известил надлежните органи? На господитнот Иџет Мемети му простувам за незаконското постапување, надевајќи се дека ваквата пракса ќе нема прилика каде да ја применува во иднина. Подготвен сум да се соочам јавно на ТВ дуел со господинот Иџет Мемети доколку е убеден во лагите кои ги изнесе во интервјуто. Ако има доблест јавно ке признае дали и кои носители на јавни функции му се јавувале и вршеле притисок врз него за конкретниот предмет, а на тој начин се обидоа индиректно да извршат притисок и врз моето работење.
Илиевски: Мемети изнесе низа груби манипулации
По интервјуто со Мемети, реакцијата до „360 степени“ испрати и просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски. Вели дека се препознал во дел од изјавата на омбудсманот и дека работите не се такви како што биле претставени.
Интегрално, реакцијата на Ѓорѓи Илиевски:
Јас, Ѓорѓи Илиевски, просветен инспектор, се препознав во вчерашната изјава на Омбудсманот Иџет Мемети објавена во Вашата ценета емисија „360 степени“ на ТВ Алсат М. Во изјавата, господинот Мемети изнесе низа груби манипулации со кои се обиде да му нанесе штета на заменик на Народниот правобранител, Јован Андоновски.
Морам да истакнам дека ако сум од нечие постапување задоволен во врска со мојот случај, тоа е заменикот Јован Андоновски и неговиот стручен соработник кои го водеа мојот предмет. Двајцата беа на висина на својата задача односно професионално и одговорно си ја извршија својата работа. Апсолутно е неточно тврдењето дека Народниот правобранител односно заменикот Андоновски проверувал дали и како лица стекнале наставни или научни звања на Тетовскиот државен универзитет. Од нив побарав да ме заштитат во делот на повреда на моите права од работен однос и да проверат дали и зошто некои државни органи не постапуваат по моите писмени обраќања, нешто што тие и го сторија.
Чувствував за потребно вака да реагирам, со цел вистината да излезе на виделина. Господинот Иџет Мемети кои преку вработените во институцијата беше запознаен со мојот случај не најде за потребно да ме прими или да помогне во случај на евидентна повреда на моите права.