Во Италија, првата европска земја што воведе општи карантински мерки во борбата против новиот коронавирус, денеска, по два месеца изолација, ќе започне постепено олабавување на рестриктивните мерки, со што околу 4,4 милиони луѓе ќе се вратат на работа.
Во Италија бројот на заразени лица од вирусот ковид-19 е во опаѓање, а вчера е регистриран најмал број жртви како последица на вирусот во последниот месец – 174.
Новата уредба на италијанската влада ќе стапи во сила во наредните две недели, што ќе биде „пробен период“ за донесување натамошни одлуки во управувањето со кризата со вирусот ковид-19. Доколку продолжи позитивниот тренд со епидемиолошки податоци, ќе следува ново, уште поголемо олабавување на мерките.
„Тоа ќе биде нова страница што ќе ја испишеме заедно, со доверба и одговорност“,
изјави вчера италијанскиот премиер Џузепе Конте на социјалните мрежи, најавувајќи ја примената на новите мерки.
Карантинот на територијата на цела Италија беше воведен на 9 март, откако бројот на заразени со новиот коронавирус нагло порасна, како и бројот на смртни случаи. Особено погоден беше северниот дел на земјата.
*Поврзани вести
Конте: Олеснување на карантинските мерки во Италија од 4 мај
Ковид-19 во Европа: Први чекори кон нормализација на животот