Во моите настапи секогаш ги бранев ставовите на раководството, за да не се толкува дека опструирам. Соработував и помагав за доброто на СДСМ. Но, работите не се менуваа на подобро. На конгрес, пред присутните делегати, јасно и гласно пратив порака дека мора да се менуваме, инаку ќе исчезнеме. Со слична порака го честитав и роденденот на партијата. Предложив ветинг на пратениците и раководството на партијата, нема одговор. Предложив промена на Статутот заради враќање на моќта на одлучување кај членството, нема одговор, вели Петровска
Учеството во „Разговорите за иднината“ не е против, туку е за СДСМ, вели актуелната пратеничка на Социјалдемократскиот сојуз, Славјанка Петровска, по обвинувањата од партијата дека учесниците што се појавија на промоцијата на новата платформа работат на фрагментирање на опозицијата и ослабнување на СДСМ. Во објава на Фејсбук , Петровска вели дека останува социјалдемократ по убедување, а на критиките од СДСМ дека таа е меѓу виновниците за изборните резултати во 2024 г., Петровска посочува дека повеќе пати предупредувала за потребата од промени во партијата.
„Во 2024 година се кандидирав за претседател на СДСМ. Понудив програма наречена ‘Манифест за социјалдемократијата’. Се повлеков поради кршење на принципите и правилата. Но, во моите настапи секогаш ги бранев ставовите на раководството, за да не се толкува дека опструирам. Соработував и помагав за доброто на СДСМ. Но, работите не се менуваа на подобро. На конгрес, пред присутните делегати, јасно и гласно пратив порака дека мора да се менуваме инаку ќе исчезнеме. Со слична порака го честитав и роденденот на партијата. Предложив ветинг на пратениците и раководството на партијата, нема одговор. Предложив промена на Статутот заради враќање на моќта на одлучување кај членството, нема одговор“,
вели Петровска.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека органите и телата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија следната недела ќе дискутираат за учеството на пратеничката на настанот под името „Разговори за иднината во 12:05“, на кој во средата (1 јули) беше промовирана нова демократска платформа со цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава.
„Јас не би ги коментирал проектите на Христијан Мицкоски. Жал ми е што дел од другарите се откажаа од партијата, од својата идеологија. Тоа е веќе видено. Тоа е претходниот проект ЗНАМ којшто еве постепено пропаѓа. Ист е организаторот и ист е финансиерот“,
кажа Филипче.
Во телевизиско гостување вчера и поранешниот функционер на СДСМ, Игор Ивановски, кој е дел од „Разговори за иднината во 12:05“, порача дека опозициското расположение во државата расне, но тоа не е поврзано со оние, како што рече, кои во моментот се на политичкиот пазар, вклучително и СДСМ под водство на претседателот Венко Филипче. Тој го повтори ставот дека иницијативата не е за да му се направи штета на СДСМ.
„Кога нема дијалог, кога нема дебата за суштинските прашања внатре во партијата и тоа се игнорира дека тоа ќе мора да го направиме на друг начин, со луѓе коишто не се оптоварени со функции, кои не одат на избори, кои немаат ниту посакуваат партиски функции, за да отвориме доверлива, искрена, чесна дебата, и на тој начин да детектираме, да дијагностицираме и да понудиме решенија, сепак ова е прва средба и ја направивме на тој начин. И јас чесно, како и што се договоривме со сите луѓе на таа маса, а ќе има и други средби секако, можам да говорам само за она за кое заеднички се договоривме“,
рече Ивановски.
Од СДСМ возвратија со остри критики кон Ивановски и другите приврзаници на платформата „Разговори за иднината“ оценувајќи дека станува збор за поранешни високи функционери на партијата кои денес се претставуваат како нејзини реформатори и спасители иако, како што велат, имаат одговорност за изборниот пораз во 2024 година.
Од партијата посочуваат дека ако сакале вистински да му помогнат на СДСМ, тогаш ќе ги прифателе повиците и понудите од претседателот Венко Филипче да се приклучат и да работат на јакнење на органите на партијата. Оттаму го повторуваат својот став дека станува збор за проект на премиерот Христијан Мицкоски, кој симболично го нарекуваат платформа ЗНАМ 2.0, чија цел е понатамошно ослабнување и фрагментирање на опозицијата.
