„Градоначалникот Сотир (Лукровски) не поднесува оставка во Министерството за локална самоуправа, туку поднесува оставка во Општина Карпош, која е должна да го извести Министерството за локална самоуправа. Јас одговорно тврдам дека во овој момент Министерството за локална самоуправа нема добиено известување од Општина Карпош дека градоначалникот Сотир Лукровски има поднесено оставка“, рече денеска министерот за локална самоуправа од собраниската говорница одговарајќи на прашање на пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, дали Лукровски поднел оставка од фунцкијата, а Министерството тоа го крие од јавноста
Министерот за локална самоуправа Златко Перински, одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница, рече дека не гледа ништо спорно во тоа што градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, назначил свој заменик на функцијата и тврди дека од Општината не добил известување дека Лукровски си поднел оставка од функцијата.

Прашањето на министерот му беше упатено од пратеникот од редовите на опозицискиот СДСМ, Митко Трајчулески, кој рече дека после шест месеци од завршувањето на локалните избори со Општина Карпош управува овластен советник, додека во јавноста има низа шпекулации за тоа дали избраниот градоначалник е на боледување, си поднел оставка или на одмор бидејќи е уморен од функцијата.
„Имајќи предвид дека се работи за прашање од висок јавен интерес, особено за граѓаните на општина Карпош и Скопје, ве прашувам дали Сотир Лукровски има поднесено и формално оставка од функцијата градоначалник на општина Карпош, а вие тоа го криете од јавноста“,
рече пратеникот на СДСМ.
Министерот за локална самоуправа рече дека во согласност со член 52 од Законот за локална самоуправа, секој градоначалник, без исклучок, има можност да именува свој заменик од редовите на Советот на таа општина.
Во однос на прашањето дали Лукровски има поднесено оставка, Перински кажа оти не го разбира прашањето, бидејќи согласно закон градоначалник оставка не поднесува до Министерството за локална самоуправа, туку до Општината, која потоа е должна за тоа да го извести ресорното министерство.
„Не го сфаќам прашањето затоан што овде не станува збор за Сотир, Златко, Трајчулески итн. Прочитајте го законот или јас ќе ви објаснам. Градоначалникот Сотир (Лукровски) не поднесува оставка во Министерството за локална самоуправа, туку поднесува оставка во Општина Карпош, која е должна да го извести Министерството за локална самоуправа. Јас одговорно тврдам дека во овој момент Министерството за локална самоуправа нема добиено известување од Општина Карпош дека градоначалникот Сотир Лукровски има поднесено оставка“,
рече Перински.
Општина Карпош на 8 мај преку соопштение ги отфрли информациите кои се појавија во дел од медиумите дека градоначалникот Лукровски се повлекува од функцијата. Од локалната самоуправа тогаш појаснија дека станува збор за привремено отсуство поради здравствени причини, уверувајќи дека институцијата продолжува да функционира непречено со целосен капацитет.
Како што соопштија оттаму, додека градоначалникот е на боледување, неговите надлежности привремено ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски.

Дел од медиумите на почетокот на месецов објавија дека Лукровски наводно во два наврати веќе се обидел да поднесе оставка, но неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ, не го дозволувала тоа, инсистирајќи тој да остане на функцијата.
Неколку дена подоцна од Општинската организација на СДСМ во Карпош побараа итна седница на Советот на Општина, поради како што наведоа случувањата со градоначалникот Лукровски.
Наводите дека Лукровски си поднел оставка од функцијата градоначалник на Карпош ги отфрли и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во изјава за медиумите рече дека градоначалникот е боледување. Тој тврдењата дека Лукровски наводно си поднел оставка им ги препиша на, како што ги нарече политичките глодари.
