Оценуваме дека таквите информации се неточни, изјавил портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер
Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, соопшти дека САД немаат индиции дека авионот на шефот на руската паравоена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој се урна во средата во руската област Твер, бил соборен со ракети земја-воздух.
„Оценуваме дека таквите информации се неточни. Јасно е дека знаеме дека групата ‘Вагнер’ има многу пипала, некои од воена природа, некои од криминална природа, во Африка. Мислам дека никој нема да ја намали опасноста од таа група или нејзините остатоци“,
рекол Рајдер и додал дека Пентагон верува дека Пригожин е мртов, но дека тоа сè уште не е потврдено, пренесува „Гардијан“.
Тој посочил дека американските претставници ќе продолжат да ги следат активностите на „Вагнер“ во Африка.
Во телевизиското видеообраќање, кое го пренесе Би-би-си, рускиот претседател Владимир Путин вчера изрази сочувство до семејствата на сите загинати во авионската несреќа, но директно не потврди дека меѓу жртвите е и шефот на „Вагнер“. Сепак, кажа дека прелиминарните информации говорат за присуство на членови на платеничакта група во авионот што се урна завчера северно од Москва, а во кој нема преживеани.
„Ако членови од групата ‘Вагнер’ беа таму, а прелиминарните податоци покажуваат дека биле, би сакал да забележам дека овие луѓе дадоа значаен придонес во нашата заедничка кауза за борба против неонацистичкиот режим во Украина. Го паметиме и нема да го заборавиме тоа“,
рече Путин во обраќањето до јавноста.
Рускиот претседател потоа продолжи да говори за шефот на „Вагнер“. Го опиша како „талентиран бизнисмен“, но и како „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“.