Иако за Пригожин зборуваше во минато време, рускиот претседател во своето видеообраќање не ја потврди неговата смрт. Шефот на „Вагнер“ го опиша како „талентиран бизнисмен“, но и „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“
По речиси 24 часа од одекнувањето на веста за авионската несреќа во која се верува дека загина шефот на платеничката воена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, по првпат се огласи рускиот претседател Владимир Путин.
Во телевизиското видеообраќање, кое го пренесе Би-би-си, Путин изрази сочувство до семејствата на сите загинати во авионската несреќа, но директно не потврди дека меѓу жртвите е и шефот на „Вагнер“. Сепак, кажа дека прелиминарните информации говорат за присуство на членови на платеничакта група во авионот што се урна вчера северно од Москва, а во кој нема преживеани.
„Ако членови од групата ‘Вагнер’ беа таму, а прелиминарните податоци покажуваат дека биле, би сакал да забележам дека овие луѓе дадоа значаен придонес во нашата заедничка кауза за борба против неонацистичкиот режим во Украина. Го паметиме и нема да го заборавиме тоа“,
рече Путин во обраќањето до јавноста.
Рускиот претседател потоа продолжи да говори за шефот на „Вагнер“. Го опиша како „талентиран бизнисмен“, но и како „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“.
„Го познавав Пригожин многу долго, од почетокот на 90-тите. Тој беше човек со тешка судбина и правеше сериозни грешки во животот, но беше талентиран човек, талентиран бизнисмен. Работеше во нашата земја, но и надвор, особено во Африка. Се занимаваше со нафта, гас, благородни метали и камења“,
продолжи Путин.
Иако за Пригожин зборуваше во минато време, Путин во своето видеообраќање не ја потврди смртта на шефот на платеничката група „Вагнер“. Додаде дека прелиминарната истрага за случајот е веќе започната.
„Истрагата ќе биде спроведена во целост и преземена докрај. Нема сомнежи за ова. Да видиме што ќе кажат истражителите во блиска иднина. Сега се вршат вештачења, технички и генетски испитувања“,
додаде шефот на Руската Федерација.
Се верува дека Евгениј Пригожин, шефот на платеничката група „Вагнер“, кој стана клучна фигура во руската војна против Украина пред да започне бунт што го вознемири Кремљ, загина во авионска несреќа северно од Москва.
Претходно денеска, портпаролот на Европската Унија изјави дека е тешко да се потврдат извештаите врз основа на кои се верува дека шефот на руската приватна платеничка група загина во авионската несреќа.
Американски претставници, пак, изјавија дека според САД, авионот на Пригожин најверојатно бил соборен со проектил кој бил истрелан од внатрешноста на Русија.