Според пратеникот, доколку предлогот биде усвоен, за автомобил од 15 000 евра со стандард Еуро 6, давачките кон државата би се намалиле од сегашните 6 000 до 7 000 евра на 2 700 евра
Независниот пратеник во Собранието, Миле Цеков, денеска на прес-конференција најави дека ќе поднесе предлог за измени на Законот за моторни возила со цел да се намалат трошоците што граѓаните ги плаќаат при увоз и набавка на автомобили.

Според неговите пресметки, за возило со вредност од 15 000 евра, вкупните давачки во земјава во моментов изнесуваат меѓу 6 000 и 7 000 евра – уште пред да се пресметаат трошоците за регистрација, хомологација и осигурување.
Аргументирајќи го својот предлог тој изнесе споредба на давачките што граѓаните на земјите во регионот ги плаќаат при увоз на автомобили со иста вредност од 15 000 евра. Како што наведе пратеникот, граѓаните во Албанија, Србија, Косово и Црна Гора плаќаат по 3 500 евра давачки, додека во Босна и Херцеговина тој износ е 2 500 евра.
Со најавените измени, според него, се интервенира во членот 9 од Законот за моторни возила преку, како што кажа, две клучни мерки, односно се бара укинување на вредносната компонента, позната како данок на луксуз, за возила со вредност до 20 000 евра. како и укинување на таксата за јаглерод диоксид (CO2) за возила што ги исполнуваат еколошките стандарди Еуро 6.
Според пратеникот, доколку предлогот биде усвоен, за автомобил од 15 000 евра со стандард Еуро 6, давачките кон државата, би се намалиле од сегашните 6 000 до 7 000 евра на 2 700 евра.
Тоа, како што истакна Цеков, би значело директна заштеда за граѓаните од 3 000 до 4 000 евра по возило.
Инаку, пратеникот Миле Цеков во Собранието влезе како кандидат на Движењето ЗНАМ, кое по парламентарните избори во 2024 година стана дел од владејчкото мнозинство. На крајот на април годинава, тој на прес-конференција, соопшти дека ја напушта пратеничката група на ЗНАМ и дека ќе делува како независен пратеник во законодавниот дом.
