Одговарајќи на новинарски прашања, портпаролката на Владата побара дополнително време за да провери кои се роковите, притоа посочувајќи дека според нејзините информации материјалите треба да поминат низ повеќе институции кои треба да дадат мислење и потоа би се сублимирале во едно владино мислење
Митева за ситуацијата со предлог-измените на Законот беше прашана од новинарите на прес-конференција откако претходно денеска невладините организации реагираа до претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, зошто тие не се ставаат на дневен ред пред пратениците, имајќи предвид дека се наоѓаат во собраниска процедура уште од август оваа година
Владината портпаролка Марија Митева потврди дека предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се наоѓаат во Владата, која треба да даде мислење, и изрази уверување дека процедурата наскоро ќе биде завршена, по што мислењето ќе биде доставено до Собранието.

Митева за ситуацијата со предлог-измените на Законот беше прашана од новинарите на прес-конференција откако претходно денеска невладините организации реагираа до претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, зошто тие не се ставаат на дневен ред пред пратениците, имајќи предвид дека се наоѓаат во собраниска процедура уште од август оваа година.
Собранискиот спикер на брифинг со новинарите соопшти дека предложените законски измени досега не се ставени на дневен ред бидејќи материјалите со предлог-текстот се испратени на мислење до Владата.
Прашана кога од „Илинденска“ број 2 ќе го испратат мислењето до Собранието за да може да се закаже седница, Митева рече дека очекува тоа да се случи во најскоро време и посочи оти самите владини процедури налагаат материјалот да помине низ неколку инстанци, односно институции.
„Ги проследив и јас тие изјави и се заинтересирав за состојбите во рамките на Владата и владината процедура. Точно е, законот е во владина процедура. Знаете дека за тие владини процедури потребни се неколку инстанци да поминат додека да се обезбеди тоа мислење. Јас очекувам дека Владата во најскоро време ќе го обезбеди тоа мислење и тоа мислење ќе го достави во Собранието“,
изјави владината портпаролка.
Надоврзувајќи се во одговорот, таа наведе дека според неа клучното прашање што треба да се постави во овој момент е како е дојдено до предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Според Митева, тие се резултат на заложбите на актуелната влада да направи чекор напред во подобрувањето на состојбите за заштита на жртвите од семејно насилство.
„Ќе ја потсетам јавноста дека токму институциите во рамките на Владата беа тие коишто ја покренаа оваа процедура, каде што покажавме една висока политичка култура и воведување висок, би кажала, дијалог со сите релевантни општествени чинители на оваа тема – тоа се институциите, граѓанските организации, невладиниот сектор, тоа се експертите, обвинителите, судиите, правниците и тоа се луѓето коишто секојдневно работат со жртвите од семејно насилство, затоа што можеби и најдобро ја познаваат оваа материја. Така и стигнавме до овие предлог-измени, и јас сум сигурна дека заложбата на Владата е јасна во однос на немањето никаква толеранција во однос на насилството врз жените“,
кажа таа.
Одговарајќи на дополнително прашање, зошто измените се толку долго во владина процедура и дали станува збор за некакви технички проблеми, Митева рече оти не сака да импровизира со точни рокови во однос на процедурата. Таа побара дополнително време за да провери кои се роковите, притоа повторно посочувајќи, според нејзините информации материјалите треба да поминат низ повеќе институции кои треба да дадат мислења и потоа би се сублимирале во едно владино мислење.
„Немам никаков проблем да ги соопштам со јавноста, да знаеме кога е испратено, кои се причините и зошто и се надевам дека потребни се повеќе мислења да се инкорпорираат во едно за истото да биде доставено до Собранието. Повторно ќе кажам иницијативата за да дојдеме до вакви законски измени потекна од институциите предводени од оваа Влада. Со тоа што не би требало да имаме каква било дилема за заложбата на Владата и за политиката којашто ја водиме, а тоа е силно спротивставување на насилството“,
наведе владината портпаролка.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг изјави дека предложените законски измени ќе бидат ставени во собраниска процедура штом пристигне мислењето од Владата.
Во однос на најавите на опозицискиот СДСМ за итна седница за насилството врз жените и семејното насилство, за која поддршка најави и ВМРО-ДПМНЕ, Гаши рече дека такво барање сè уште не е доставено до неговиот кабинет или до собраниските служби, но најави дека ќе постапат веднаш штом го добијат.

Инаку, притисокот врз институциите во врска со ова прашање расте откако Мрежата за заштита од дискриминација претходно денеска го прозва претседателот на Собранието и го смести на т.н. „ѕид на срамот“ поради одложувањето на ставањето на дневен ред на измените поднесени во август.
Претходно, три граѓански организации предупредија дека дел од пратениците, под влијание на антиродови движења, го кочат усвојувањето на предложените измени. Според тие предупредувања, целта е постојниот предлог да се повлече и да се отвори нов во кој нема да ги има термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на неодамнешните законски измени во образованието.
