Мрежата за заштита од дискриминацијата претходно денеска го прозва претседателот на Собранието и го стави на т.н. „ѕид на срамот“, прашувајќи го кога ќе ги стави на дневен ред предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои се поднесени од август годинава
Предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се испратени на мислење до Владата – вели претседателот на Собранието, Африм Гаши, по реакциите на граѓанските организации дека предложените измени кои се поднесени во август годинава сè уште не се ставени на дневен ред.

„Во однос на законот што е во собраниска процедура, испратено е мислење до Владата. Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура“,
изјави собранискиот спикер Африм Гаши на денешниот брифинг.
На новинарско прашање дали на денешната седница за пратенички прашања во Собранието ќе го потсети премиерот Христијан Мицкоски Владата да даде мислење за предложените законски измени, Гаши рече дека се работи за толку сензитивно прашање што секој од носителите на јавни функции сака тој закон што побрзо да се донесе и да се намали или целосно да го снема насилството врз жените.
„Но, тоа ќе биде борба, која ќе треба сите заедно да ја извојуваме“,
вели претседателот на Собранието.
Гаши додава дека до парламентот сè уште не е доставено барањето за итна седница за насилството врз жените и семејното насилство, што го најави опозицискиот СДСМ, а поддршка најави и ВМРО-ДПМНЕ.
„Сè уште не е доставено такво барање до Кабинетот на претседателот или до службата на Собранието. Штом го добиеме тоа барање, веднаш ќе постапиме“,
вели собранискиот спикер.
- СДСМ бара итна собраниска седница за заштита на жените и одговорност од институциите
- ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на СДСМ за собраниска седница поврзана со семејното насилство
Мрежата за заштита од дискриминацијата претходно денеска го прозва претседателот на Собранието и го стави на т.н. „ѕид на срамот“, прашувајќи го кога ќе ги стави на дневен ред предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои се поднесени од август годинава.
Три граѓански организации вчера предупредија дека дел од пратениците, под влијание на антиродовите движења, го блокираат носењето на законските измени со цел постојниот предлог да се повлече и да се отвори нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на последните законски измени во образованието.
