Претседателката на Унијата на жени, Марија Митева, на вчерашната панел-дискусија ги спомена и предложените измени на Законот за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, со кои рече дека се прави исчекор кон поефикасна заштита на жртвите. Законските измени за кои говори Митева се поднесени во парламентот во август, но сè уште не се ставени на дневен ред. Граѓанските организации предупредуваат дека измените се блокирани под влијание на антиродовите движења, со цел да бидат повлечени
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе отвори телефонска линија за бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилство – најави претседателката на Унијата и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на синоќешната панел-дискусија во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Отворањето на телефонската линија ќе биде во соработка со правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, при што, вели Митева, на жртвите ќе им се обезебдат бесплатни правни консултации, информации за нивните законски права и стручна помош за полесно остварување на заштитата и снаоѓање во институционалните постапки.
„На жртвите ќе им дадеме насока како треба да постапат во моментите кога се чувствуваат безнадежни, кога имаат страв од тоа што следи, кога не ги знаат процедурите или не знаат точно каде да се обратат, кога стравуваат за својот и за животот на своето дете, ќе успееме, се разбира, во согласност на достоинствен и на доверлив начин истото тоа да го го направиме преку соодветни правни механизми коишто ќе ги ставиме на располагање“,
изјави претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Митева ги спомена и предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со кои рече дека се прави исчекор кон поефикасен институционален систем, кој наместо да ја остава жртвата сама да се справува со последиците од насилството, ја става во центарот на заштитата.
За предложените законски измени, кои се поднесени во август и сè уште не се ставени на дневен ред во Собранието, вчера говореа и претставниците на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација. Тие предупредија дека дел од пратениците, под влијание на антиродовите движења го блокираат процесот со цел постојниот предлог да се повлече и да се отвори нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на последните законски измени во образованието.
