Како потенцијални локации за изградба на помали и средни дата-центри ги посочи напуштените индустриски капацитети и подрачјата во близина на индустриските развојни зони, особено регионот околу Неготино
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски смета дека Македонија мора да изгради национален дата-центар за да обезбеди стабилност и континуитет на дигиталните услуги, но и да создаде сопствена инфраструктура за развој и примена на вештачката интелигенција.

Министерот на панел-дискусијата „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“, во рамките на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, посочи дека државните системи во моментов се распределени на повеќе од 40 локации во Скопје, што создава ризици за нивното функционирање.
„Имаме повеќе од 40 локации на кои се чуваат податоци и сервери, а за нив се грижат разни институции. Често се случува да има прекини поради технички проблеми, дефекти на климатизација или нестабилно напојување. Тоа не е само прашање на кибербезбедност, туку и на сигурност и континуитет на државните услуги“,
рече Андоновски.
Посочи дека проектот за национален дата-центар е вклучен како индикативен проект во Планот за раст на Европската Унија и во реформската агенда на државата, а се разгледуваат и можности за дополнително финансирање.
Министерот предупреди дека без сопствени капацитети за развој на вештачката интелигенција, земјата ризикува да стане позависна од странски технолошки компании и инфраструктура.
„Постои реален ризик да се создаде јаз меѓу оние што ќе имаат пристап до ресурсите потребни за вештачка интелигенција и оние што нема да може да си го дозволат тоа. Затоа мора навреме да инвестираме во сопствени капацитети“,
вели тој.
Андоновски посочи дека државата веќе работи на обезбедување пристап до капацитети за вештачка интелигенција преку регионални иницијативи и со поддршка од ЕУ, но дека на долг рок е неопходно создавање домашна инфраструктура.
Оцени дека развојот на дата-центри може да привлече странски инвестиции, да овозможи трансфер на технологии и да отвори нови можности за домашните ИТ-компании и инженери.
Како потенцијални локации за изградба на помали и средни дата-центри ги посочи напуштените индустриски капацитети и подрачјата во близина на индустриските развојни зони, особено регионот околу Неготино.
На дискусијата учествуваше и Петар Пешев од „Ултра“, кој нагласи дека треба да се прави разлика меѓу класичните дата-центри и оние наменети за вештачка интелигенција, кои имаат значително поголема потрошувачка на електрична енергија и посложени системи за ладење.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, порача дека прашањата за индустријата, екологијата и новите технологии бараат отворена дебата и јасни политики, додека постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, ја истакна зелената транзиција како можност за инвестиции и поголема економска конкурентност.
Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, нагласи дека одржливоста е предуслов за долгорочен економски успех и оти компаниите што навреме ќе инвестираат во енергетска ефикасност, иновации и зелени технологии ќе бидат поконкурентни и поотпорни.
