Во врска со тоа како ќе се одвива враќањето на средствата на граѓаните што користеле кредити од финансиските друштва, Стојкоски појасни дека мерките се однесуваат на незаконската наплата на опомени и паушални надоместоци за доцнење со плаќањето на достасаните кредитни обврски

Финансиските друштва добија инспекциски решенија со наредба да им вратат на потрошувачите незаконски наплатени средства во вкупен износ од над 140 милиони денари. Повратот на парите ќе опфати повеќе од 26 000 граѓани низ државата, а друштвата имаат прецизни рокови од 30, 60 или 90 дена да постапат по наредбата, во зависност од бројот на опфатени потрошувачи во секое друштво.
Ова денеска на заедничка прес-конференција го соопштија директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Влатко Стојкоски, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, и портпаролката на Владата, Марија Митева.
Според Стојкоски, мерките се резултат на континуирани вонредни инспекциски надзори спроведени во изминатите три месеци кај сите 27 лиценцирани финансиски друштва за одобрување кредити на физички лица, а се однесуваат на периодот од 2023 до 2026 година. Во врска со тоа како ќе се одвива враќањето на средствата на граѓаните што користеле кредити од финансиските друштва, Стојкоски појасни дека мерките се однесуваат на незаконската наплата на опомени и паушални надоместоци за доцнење со плаќањето на достасаните кредитни обврски.
„Кај 18 субјекти констатирано е дека спроведуваат нечесна трговска практика, односно во договорите за потрошувачки кредити се содржани нечесни трговски одредби. Изречени се соодветни мерки и издадени се платни налози со вкупен износ од над 3,5 милиони денари“,
изјави Стојкоски.
Дополнително, кај 12 финансиски друштва било утврдено директно прекршување на член 36 од Законот за заштита на потрошувачите. Тие им наплатувале на клиентите за доставени известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на достасаните обврски врз основа на кредити. Кај две поголеми друштва со повеќе експозитури, пак, инспекторите констатирале неправилности во сметководствената евиденција и некомплетна документација, за што е известено Министерството за финансии за понатамошно постапување.
Во однос на казните, Стојкоски појасни дека нивниот износ зависи од видот и од бројот на прекршените одредби, при што се движат од 2 000 до 10 000 евра за една мерка од финансиско друштво. Кај дел од друштвата биле утврдени прекршувања на повеќе одредби за кои се изречени соодветен број мерки.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека профитот на ниедна компанија не смее да се гради врз финансиската немоќ на граѓаните и предупреди дека за утврдените неправилности глобите можат да достигнат и до 100 000 евра.
„Како резултат на утврдените неправилности, изречени се 18 инспекциски мерки, а глобите ќе стигнат и до 100 000 евра. Особено е важно да ги заштитиме граѓаните, кои поради својата финансиска состојба се принудени да користат вакви кредити. Нема да толерираме практики што се на штета на граѓаните“,
нагласи Дурмиши.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, оцени дека ова е прв инспекциски надзор од ваков обем во секторот на брзите кредити и истакна дека враќањето на над 140 милиони денари кај повеќе од 26 000 граѓани претставува директен резултат за олеснување на финансискиот притисок врз семејствата.
Од Инспекторатот упатија апел до граѓаните внимателно да ги читаат условите и да бараат детални појаснувања за сите трошоци пред да потпишат договор за кредит, како и да пријавуваат евентуални неправилности.
