„Пред две години станав пратеник за да се обидам да ги променам работите, да побарам одговорност за криминалот и корупцијата и да се борам за промена на системот, како и да покажам дека има место во политиката за чесни и работливи луѓе. Но, за жал, тие промени не се случуваат“, вели Цеков објавувајќи дека отсега ќе дејствува како независен пратеник
Во обраќањето се осврна и на законски решенија и политики за кои не дал поддршка, меѓу кои и измени поврзани со минерални суровини, при што порача дека се противи на отворање нови рудници и концесии
Пратеникот Миле Цеков денеска соопшти дека ја напушта ЗНАМ и дека отсега во Собранието ќе дејствува како независен пратеник, истакнувајќи дека веќе не е дел од владејачкото мнозинство.

Тој во своето обраќање до јавноста вели дека во политиката влегол со цел да им служи на татковината и граѓаните, но дека очекуваните промени не се реализирале.
„Пред две години станав пратеник за да се обидам да ги променам работите, да побарам одговорност за криминалот и корупцијата и да се борам за промена на системот, како и да покажам дека има место во политиката за чесни и работливи луѓе. Но, за жал, тие промени не се случуваат“,
вели Цеков.
Ваквата негова одлука, како што додава, произлегува од состојбите во државата поврзани со корупцијата, селективната правда и нефункционалноста на институциите, како и од социјално-економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
„Оваа моја одлука доаѓа затоа што не прифаќам да живееме во држава со корупција и криминал, селективна правда и нефункционални институции. Не прифаќам младите да си заминуваат поради системот, а работниците да живеат со најниска плата во регионот. Не прифаќам загаден воздух и загадена средина. Не прифаќам држава што увезува наместо да произведува храна“,
истакна тој.
Се осврна и на законски решенија и политики за кои не дал поддршка, меѓу кои и измени поврзани со минерални суровини, при што порача дека се противи на отворање нови рудници и концесии.
Според него, останува приврзан на европската перспектива на државата, но со јасна заштита на националниот идентитет, јазикот и културата.
„Јазикот, идентитетот и културата се темелот на нашето постоење и тие не се за преговарање“,
додава пратеникот.
Цеков ги истакна и неговите активности како пратеник во изминатиот период, меѓу кои законски иницијативи поврзани со земјоделството, заштита на животната средина, инфраструктурни проекти и мерки за подобрување на животниот стандард.
„Во изминатите две години се борев за земјоделците, поднесувајќи конкретни закони – од зголемување на прагот за ДДВ обврзник од два на четири милиони денари, фер откупни цени, до пакет антикризни мерки за поддршка преку субвенции за вештачките ѓубрива и зелената нафта. Се залагав за заштита на природата, поради што предложив планината Беласица да биде прогласена за заштитено подрачје, а за Дојранското Езеро барав трајно решение за снабдување со вода. Предложив измени на буџетот за изградба на експресниот пат Гевгелија – Струмица – Ново Село и се залагав за подобар животен стандард, вклучително и зголемување на минималната плата“,
кажа тој.
Во политиката, како што истакна, не влегол за да се промени самиот, туку тој да ја смени политиката.
„Затоа не можам да бидам дел од власт и партија што не ги дели вредностите во кои верувам. Заминувам од политички субјект што формално е демократски, но суштински не ги исполни очекувањата на граѓаните. Заминувам од политика што не застана зад ветувањата“,
рече Цеков.
На крајот од своето обраќање рече дека останува цврсто и доследно на она во што верува, посочувајќи ги правдата и одговорноста, борбата против криминалот и корупцијата, но и во економски силна Македонија и во иднина во која младите ќе останат.
„Подавам рака до сите што веруваат во истите вредности и се подготвени да работат за доброто на татковината и народот. Ова е нов почеток. Почеток на борба за правда и одговорност“,
заклучи тој.
Инаку, Цеков во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 дадено во март не сакаше конкретно да одговори дали останува дел од пратеничката група на ЗНАМ. Дилемата се отвори откако тој во Собранието имаше дискусија и гласаше во прилог на предлог-законот за минимална плата од 600 евра предложен од опозицискиот СДСМ.
