„Најавувам круцијален проект кој гарантирам дека ќе го поткрене нивото на професионалноста на постапувањето од страна на МВР. Секој полициски службеник ќе биде задолжен со боди камера. Боди камерите ќе можат да преведуваат на повеќе од 40 јазици во живо, да испратат видеосигнал до командниот центар и врз основа на вештачка интелигенција да утврдат одредени факти“, рече министерот за внатрешни работи во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5
Потенцијалните жртви на семејно насилство ќе можат да воспоставуваат видеоповици со Министерството за внатрешни работи (МВР) и со Центарот за управување со кризи (ЦУК), а полициските службеници до средината на 2027 година ќе бидат опремени со боди камери преку кои директно ќе испраќаат видеосигнали до командните центри. Ова, како што соопшти вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се двата нови проекта кои треба да придонесат во превенцијата и заштитата од семејно насилство.

Гостувајќи во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Тошковски појасни дека во моментот кога ќе се случи насилство и додека пристигне полицијата, жртвата ќе може со својата камера да оствари видеоповик и да ја документира фактичката состојба, снимка која потоа ќе се користи како доказ во кривичните постапки.
Министерот ги оцени најавите како револуционерни промени за работата на службата.
„Најавувам круцијален проект кој гарантирам дека ќе го поткрене нивото на професионалноста на постапувањето од страна на МВР. Секој полициски службеник ќе биде задолжен со боди камера. Боди камерите ќе можат да преведуваат на повеќе од 40 јазици во живо, да испратат видеосигнал до командниот центар и врз основа на вештачка интелигенција да утврдат одредени факти. Последици ќе трпат сите што нема да ги употребуваат боди камерите. Максимум до средината на 2027 година ќе биде имплементиран проектот со камерите на територијата на цела Македонија. Моментно се реализира пилот проект во Велес. Тоа ќе биде револуционерен проект во Македонија, а резултатите, убеден сум, ќе бидат дури подобри од она коешто го даде ‚безбеден град‘“,
изјави Тошковски.
Семејното насилство како сериозен општествен проблем
Тошковски повтори дека семејното насилство претставува едно од најсериозните општествени зла со кои се соочува земјата.
„И тоа не е само сега. Ги има во изминативе десетина години согласно статистиката што ја имам. Станува збор за многу сериозно општествено зло кое мора да има соодветен мултиинституционален одговор, и од државните институции, но и од сите општествени чинители. Кога ќе дојде работата до полиција, обвинителство, суд, а говориме за семејно насилство, мислам дека тука веќе отишла многу далеку работата, таму каде што не треба“, нагласи министерот.
Пораст на пријавите и на судските мерки
Според анализата на Секторот за внатрешни работи Скопје, што ја наведе министерот во гостувањето, бројот на поднесени кривични пријави за кривични дела поврзани со семејно насилство во изминатите години се движел од 281 во 2018 година, 274 во 2020, 316 во 2021, 283 во 2024 и 280 во 2025 година. Годинава, досега, евидентирани се 506 кривични пријави.
Министерот овој скок го поврза со законските измени донесени на почетокот на годината.
„Оваа бројка е зголемена зашто оваа Влада и овој парламентарен состав, на почетокот на оваа година, го смени кривичното дело во рамки на кривичниот законик кога имаме семејно насилство со лесна телесна повреда да мора да се гони по службена должност. Ако во 2021 година на територија на цела Македонија кога говориме за семејно насилство сме имале изречено шест притвори, во 2022 – 15 притвори, во 2026 година заклучно со 25 ноември имаме 102. Значи, видете колку е зголемено институционалното делување кога би говореле само за притвор. Кога би говореле за итни мерки кои биле изречени од страна на судот, во 2021 сме имале 15, во 2022 сме имале 26, а во 2026 имаме 168“,
рече Тошковски.
Како што посочи тој, суштинската промена се гледа во степенот на институционално постапување.
