Законот за попис наскоро ќе стапи во сила откако шефот на државата, во рок од четири дена, го потпиша указот за негово прогласување
Законот за спроведување на пописот во април годинава наскоро ќе биде објавен во „Службен весник“ и ќе стапи во сила откако претседателот Стево Пендаровски денеска стави потпис на регулативата што Собранието ја донесе минатата седмица.
Од кабинетот на Пендаровски соопштија дека тој, по консултации со правни експерти, го потпишал указот за прогласување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, 2021 година.
„Претседателот Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање долгорочни стратегии во виталните области во државата“,
се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.
Собранието го усвои Законот за попис на 21 јануари. Шефот на државата денеска (25 јануари) го потпиша указот за негово прогласување, иако имаше рок од седум дена за тоа, како и наспроти повиците од опозицијата да не става потпис.
Претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, најави и можна иницијатива до Уставниот суд за оценување на Законот за попис, со оглед на тоа што статистичката операција ќе се спроведува во период на епидемија.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе се обиде да истурка законско решение за поништување на Законот за попис, како граѓанска иницијатива, преку собирање најмалку 10 илјади потписи.