Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии што имаат месечен приход помал од минималната нето-плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата

Од денеска до 5 октомври трае рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за оваа академска година.
Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека студентите што ќе се пријават во овој период ќе може да го остварат правото на субвенциониран студентски оброк од 1 ноември 2026 година.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии што имаат месечен приход помал од минималната нето-плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20262027-godina
„Студентите на кои им било прекинато или одбиено правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходниот активен рок“,
велат од МОН.
Поради законска регулатива за засилена автентикација при бесконтактни плаќања на ПОС-терминали, потребно е студентите да го внесат ПИН-кодот за трансакциите да бидат успешни.
„Ако го знаете или го чувате ПИН-кодот, нема потреба од реактивација“,
наведуваат од МОН.
Инаку, министерката за образование и наука Весна Јаневска минатата недела рече дека треба да се направи анализа за да се види дали има можност за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк, кој во моментов изнесува 140 денари.
Најавата од Јаневска дојде откако студентските организации рекоа дека ќе достават иницијатива за зголемување на сумата на субвенционираниот студентски оброк до МОН.
