Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека е запознаен со случајот, но дека МОН, а не Министерството за здравство, е надлежно за вработувањата на Медицинскиот факултет кој, како што рече, е образовна, а не здравствена установа
Докторот и приватен специјализант Дарко Василевски, кој неодамна објави дека бил одбиен на неколку јавни огласи за вработување и бил дискриминиран по однос на неговата возраст, денеска го започна најавениот штрајк со глад. Вели дека одлуката не била лесна, но дека ја донел по 15-дневен молк од надлежните институции.

„Од денес мојата борба продолжува пред Деканатот на Медицинскиот факултет со мирен протест со гладување. Ова не беше одлука која ја донесов лесно. Ова не е насочено кон никого лично. Оваа клупа и едно шаторче кое ќе биде поставено во текот на денот ќе бидат мојот дом 24/7 во периодот што следува. Со почит кон институциите, но и со почит кон самиот себе“,
напиша Василевски во објава на Фејсбук.
Министерот за здравство Сашо Клековски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, рече дека е запознаен со случајот, но дека МОН, а не Министерството за здравство, е надлежно за вработувањата на Медицинскиот факултет кој, како што рече, е образовна, а не здравствена установа.
„Во моментов работиме на втората група од 300 специјализанти кои треба да бидат вработени во јавното здравство и доколку докторот Василевски се пријави за таа група и ги исполнува условите ќе биде примен во делот на јавно-здравствените установи, но Медицинскиот факултет е надлежност на МОН“,
изјави Клековски.
Минатата недела и министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека ресорот што го предводи нема ингеренции за вработување специјалисти на Медицинскиот факултет.
Во отворено писмо до Министерството за здравство, до Деканатот на Медицинскиот факултет Скопје и до МОН, лекарот и приватен специјализант Дарко Василевски кон средината на септември дека ќе штрајкува со глад откако по третпат бил одбиен на јавен оглас за вработување на Медицинскиот факултет во Скопје, кој според него е спроведен нетранспарентно. Обвини дека бил дискриминиран поради неговата возраст.
