Според МОН, Државниот просветен инспекторат може да постапи доколку има избор во наставно-научно звање на факултет

Министерството за образование и наука (МОН) нема ингеренции за вработување специјалисти на Медицинскиот факултет, но Државниот просветен инспекторат (ДПИ) ќе постапува и ако се работи за избор во звање, вели ресорната министерка Весна Јаневска.
Таа, како што изјави, е запознаена со случајот на лекарот Дарко Василевски, кој јавно обвини за нерегуларности и фаворизирање при изборот на кандидати на јавниот оглас за вработување на Медицинскиот факултет во Скопје.
„Да, веќе сум запознаена. Така како што сум запознаена, ако се точни информациите што сум ги добила, станува збор за вработување, а не за избор во звање. Јас јавно побарав да се достави претставка до ДПИ, но и доколку станува збор за избор во звање, ДПИ ќе постапува. Во однос на вработување на Медициснкиот факултет на специјалисти, МОН нема ингеренции“,
рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред обраќањето на настанот во ДСУРЦ „Партенија Зографски“ по повод 23 Септември – Меѓународниот ден на знаковниот јазик.
Според МОН, Државниот просветен инспекторат може да постапи доколку има избор во наставно-научно звање на факултет.
„Во случајов се работи за вработување доктор на Институт и немаме ингеренции за постапување. Тука треба да постапи Државен инспекторат за труд“,
велат од МОН.
Во отворено писмо до Министерството за здравство, до Деканатот на Медицинскиот факултет Скопје и до МОН, лекарот и приватен специјализант Дарко Василевски пред неколку дена најави дека ќе штрајкува со глад откако по третпат бил одбиен на јавен оглас за вработување, кој според него е спроведен нетранспарентно.
Тој во објава на Фејсбук изрази сомнеж дека начинот на кој се спроведува селекцијата на кандидати отвора прашања за транспарентноста, критериумите и еднаквиот третман на сите кандидати. Вели дека известувањето за примените кандидати било пратено преку мејл, без правна поука и без објаснување врз основа на кои критериуми се избрани примените кандидати. Обвинува и дека е дискриминиран поради неговата возраст.
