Двајцата организатори на групата ја набавувале дрогата од непознати лица од Албанија, Струга, Дебар и Гостивар, а потоа преку мрежа од дилери ја продавале на лица во повеќе градови во државата
Според МВР, еден грам марихуана групата го продавала за сума од 500 до 800 денари, додека еден грам кокаин чинел од 4 000 до 6 000 денари
Организирана криминална група, која подолго време се занимавала со трговија со дрога и економски криминал, е разбиена во заедничка акција на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Управата за финансиско разузнавање и Одделот за специјални полициски операции, а под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Акцијата била реализирана вчера по повеќемесечно криминалистичко истражување, а групата што е разбиена ја сочинувале 21 лице, од кои 20 се од Прилеп, а едно од Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека со судски наредби биле извршени претреси кај 31 лице, на вкупно 36 локации, од кои 33 на подрачјето на Прилеп, две во подрачје на Скопје и еден претрес на подрачјето на Струга.
Според МВР, приведени се вкупно 20 лица, а при претресите биле пронајдени и одземени тревеста материја, бела прашеста материја, грутчеста материја, гасен пиштол, муниција од различен калибар, поголема сума девизни и денарски парични средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор, ваги и други предмети.
Врз основа на претходно обезбедените материјални докази, вчера до ОЈО ГОКК е поднесена кривична пријава против вкупно 21 лице. Дваесеттемина прилепчани, на возраст од 19 до 75 години, се гонат за кривичните дела неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 3 од Кривичниот законик и перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од КЗ.

Според информациите на истрагата, криминалната група во периодот од февруари лани до октомври годинава ја создале и воделе Н. В. и М. С. со цел вршење кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и оружје, како и економски криминал. Во групата членувале Д. К., В. С., А. Д., Д. Ј., Х. С., Д. С., Ф. З., А. З., В. Н., А. М., А. И., В. А., Д. Ѓ., М. И., Б. И., М. С., Р. С., Т. Д. и Ј. Н. Дрогата – кокаин и марихуана, Н. В. ја купувал од непознати лица по потекло од Албанија, Струга и Дебар и ја држел на безбедни локации во Скопје и Прилеп. Како мрежа на препродавачи, односно дилери биле ангажирани Д. К., А. Д., Д. Ј., В. С., Д. С., А. З., А. М., А. И., В. А., Р. С. и Ј. Н., кои дрогата ја продавале на заинтересирани купувачи од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје. Откако ќе се договореле за видот, количината и цената на дрогата, го известувале Н. В., кој им ја давал потребната количина.
„Дрогата ја продавале за сума од 500 до 800 денари за грам марихуана и од 4 000 до 6 000 денари за грам кокаин, а парите од продажбата му ги давале на Н. В., кој како награда им давал дел од парите, кои подоцна ги употребувале за купување на движен и недвижен имот“,
се вели соопштението на МВР.
Другиот организатор на групата – М. С., според МВР, дрогата, исто така, марихуана и кокаин, ја купувал од непознати лица од Дебар и од Гостивар. Ја држел на безбедни локации во Прилеп, како препродавачи ги организирал Д. К., Ф.З ., Х. С., В. Н., А. М. и А. И., кои дрогата ја продавале на лица во Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино и Велес. Модусот на оперирање му бил идентичен како и на Н. В., односно дилерите ќе се договореле за видот, количината и цената со купувачите го известувале М. С., кој им ја давал потребната количина.
Дрогата ја продавале по идентична сума, односно од 500 до 800 денари за еден грам марихуана и од 4 000 до 6 000 денари за еден грам кокаин. Парите од продажбата му ги давале на М. С., кој како награда им давал дел од парите, кои подоцна ги употребувале за купување движен и недвижен имот.

Во временскиот период од 2025 до 2026 година, Н. В., М. И., Б. И. (кој се наоѓа во притвор во Франција, исто така за трговија со дрога), за да ги прикријат парите од продажбата на дрогата, М. С. и Т. Д. ги внесувале во легалниот платен промет. Според информациите на МВР, станува збор за парични средства во вкупен износ од 4 990 270 денари или околу 64 670 евра.
