Мицкоски својот став, кој го кажа одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Свети Николе, го аргументираше посочувајќи ги економските импликации од одржувањето на изборите во одвоени термини, тензијата во општеството и динамиката на многу процеси која ќе биде забавена доколку изборите се одржат одвоено
Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, многу подобро би било парламентарните и претседателските избори в година да се одржат заедно, отколку одвоено, како што предвидуваат термините за нивно спроведување.
Мицкоски својот став, кој го кажа одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Свети Николе, го аргументираше посочувајќи ги економските импликации од одржувањето на изборите во одвоени термини, тензијата во општеството и динамиката на многу процеси која ќе биде забавена доколку изборите се одржат одвоено.
Прашањето што му беше поставено на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ гласеше: Дали има премолчен договор меѓу власта и опозицијата парламентарните избори да бидат заедно со претседателските за да се избегне временскиот вакуум.
„Па не би рекол дека има временски вакуум. Ако временскиот вакуум е месец-два, тогаш тоа не е никаков временски вакуум. Ние континуирано зборуваме за предвремени парламентарни избори и континуирано зборуваме час поскоро оваа влада да замине, подготвени сме да излеземе на избори, било какви, било кога, но она што цениме дека им одговара на граѓаните е фактот дека ако се заедно, во случајов како што вие поставувате прашање, тогаш тоа би било многу подобро отколку да бидат одвоени бидејќи периодот на економска стагнација ќе биде помал. Кога тие би биле одвоени, тогаш економската стагнација, тензијата во општеството и динамиката на многу процеси ќе биде забавена. Затоа цениме дека ако веќе бегаат од предвремено соочување, тогаш цениме дека би требало да се намалат трошоците, да биде сè поедноставно, да бидат заедно тие избори“,
рече Мицкоски.
И утре да има парламентарни избори, како што додаде тој, проценките на ВМРО-ДПМНЕ говорат дека партијата е блиску самата да обезбеди мнозинство во идниот парламентарен состав.
„Но, повторно ќе кажам, за жал ние во овој момент немаме 61 пратеник којшто е подготвен да се откаже од криминалот којшто го прават на грбот на граѓаните. Претпоставувам дека тие коишто креваат два прста за оваа Влада се свесни дека и овој политички имунитет којшто го имаат како пратеници еден ден ќе престане и ќе има одговорност, не само политичка, туку и поинаква. Колку поскоро кренат два прста за распуштање на парламентот, толку поскоро ќе бидат спасени од срамот“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Говорејќи во истиот контекст, тој упати и совет до актуелните пратеници од владејачкото мнозинство.
„Еден мој совет до тие господа таму во парламентарните клупи коишто ги поддржуваат овие политички криминалци: Секој еден ден на ваша поддршка значи проблем повеќе за вас, затоа што криминалците нема да се спасат, а верувајте, кога ќе се обидуваат да се спасуваат, тие криминалци ќе ве повлечат и вас заедно со нив. Така што, ако мислат дека на овој начин ќе уживаат привилегии уште некој месец повеќе, се лажат. Ќе завршат многу лошо, а потоа самите себе ќе се преколнуваат зошто тоа го правеле и зошто порано сопствените маки не си ги скратиле, а воедно и маките на Македонија со оваа влада на ДУИ и СДСМ“,
рече Мицкоски.