„Северна Македонија има Постојана мисија при Европската Унија, предводена од амбасадор и составена од десетици дипломати кои секојдневно работат со европските институции. Тогаш, кој е мандатот на новиот претставник? Која задача ќе ја извршува тој, а не можат да ја извршат амбасадорот, нашата Мисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања“, вели поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на опозициската ДУИ, Бујар Османи

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретрседател на опозициската ДУИ, Бујар Османи реагираше на поставувањето на поранешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи за специјален пратеник на Македонија за Европската Унија.
Османи прашува кој ќе биде неговиот мандат со оглед дека Македонија има амбасадор и дипломати што работат во европските институции.
„Северна Македонија има Постојана мисија при Европската Унија, предводена од амбасадор и составена од десетици дипломати кои секојдневно работат со европските институции. Тогаш, кој е мандатот на новиот претставник? Која задача ќе ја извршува тој, а не можат да ја извршат амбасадорот, нашата Мисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања“,
вели Османи.
Османи смета дека не треба да се создава паралелен политички канал во Брисел.
„Создавањето паралелен политички канал во Брисел ја обезвреднува државната Мисија, го поткопува авторитетот на амбасадорот и создава нејаснотии околу тоа кој ја претставува државата пред институциите на Европската Унија. Европската интеграција бара силни институции, јасна хиерархија и професионална дипломатија. Јавни функции не смеат да се создаваат за политичко згрижување, додека постојните институции се третираат како декор“,
вели тој.
Инаку, поранешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи, кој на почетокот на јуни годинава поднесе неотповиклива оставка од функцијата, денеска во објава на Фејсбук соопшти дека Владата на вчерашната седница го назначила за специјален пратеник за Европската Унија, со седиште во Брисел.
Дека Фетаи ќе биде назначен на оваа функција, претходно најави и копретседателот на Влен, Изет Меџити.
Фетаи им заблагодари на Владата и на премиерот Христијан Мицкоски за укажаната доверба, посочувајќи дека доделувањето на ваквата функцијата му претставува голема чест, но уште поголема одговорност.
Фетаи, кој како вицепремиер беше кадар на Влен, на почетокот на јуни поднесе оставка од функцијата, откако претходно извесен период отсуствуваше од работа.
Во оставката до премиерот, Фетаи изрази благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додаде дека во сегашните околности веќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност. Рече дека заминува со крената глава и чиста совест.
