Одговарајќи на новинарско прашање до каде е истрагата во врска со дојавата за поставена бомба во градски автобус, Спасовски изјави дека очекува во текот на денот истрагата да биде завршена целосно, и во ЈСП „Скопје“ и во превозните средства, со цел, како што рече, да бидеме сигурни дека нема ништо и граѓаните да бидат безбедни
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информира дека во моментов паралелно течат истрагите за дојавата за поставена бомба во автобус на ЈСП, но и самата проверка на автобусите.
Спасовски вели дека досега се проверени над 120 автобуси на ЈСП „Скопје“, а тие се пуштени повторно во сообраќај откако во нив не било пронајдено ништо.
„По добиената закана за поставена бомба во автобус ЈСП ‘Скопје’, проверени се над 120 автобуси во кои нема ништо и тие се пуштени да функционираат“,
информира Спасовски.
Одговарајќи на новинарско прашање до каде е истрагата во врска со дојавата за поставена бомба во градски автобус, Спасовски изјави дека очекува во текот на денот истрагата да биде завршена целосно, и во ЈСП „Скопје“ и во превозните средства, со цел, како што рече, да бидеме сигурни дека нема ништо и граѓаните да бидат безбедни.
„Во тек е истрагата во однос на дојавата, испратениот мејл од вработен од ЈСП ‘Скопје’. Лицето е приведено и со него работат надлежните служби, а паралелно трае и антитерористичката проверка. Состојбата е под контрола, истрагата тече, ќе се обезбедат сите потребни докази што се во овој дел и понатаму ќе информираме“,
изјави министерот Спасовски, за време на паузата од годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија.
Скопската полиција утрово информира дека привела вработен на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) поради сомневање дека од неговиот до мејловите на раководството и административната служба на претпријатието со закана дека планира да постави бомба во автобус на ЈСП поради нередовно земање на плата, информираат утрово од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Осомничениот се заканил дека бомбата ќе експлодира за време на протестот што вработените на ЈСП го најавија за денеска поради неисплатена плата за септември.
По дојавата за бомба, од сообраќај беа повлечени сите автобуси на ЈСП.
Утринава во главниот град сообраќаа само приватните автобуси, а граѓаните нервозни со часови чекаа на автобуските станици за да стигнат на работа и во училиште.
Синдикалните организации на ЈСП најавија дека денеска автобусите од ова претпријатие ќе сообраќаат, но за утре не се знае. Вработените во ЈСП „Скопје“ денеска ќе чекаат на сметките да им легне платата за септември, а ако тоа не се случи утре наутро во 4:30 часот со своите семејства ќе излезат на протест пред ЈСП и автобусите нема да сообраќаат.
Во меѓувреме, Град Скопје ги извади автобусите на ЈСП на протест пред Владата, посочувајќи дека вината за тоа што вработените во ова скопско јавно претпријатие се уште не земале плата, е кај Владата, односно кај Министерството за образование кое му должи два милиони евра на ЈСП од блок дотации за бесплатниот превоз на средношколци.