Промената на законот, според соопштението од Министерството за правда, е во почетна фаза. На првиот состанок на работната група на 7 јули, како што велат, биле разгледани повеќе предлози доставени од надлежните институции. Побарани се и ставови од судовите низ земјава и истите сега се прибираат и обработуваат
Работна група веќе работи на промена на Законот за извршување санкции, тврди денеска во соопштение до медиумите Министерството за правда. Целта ќе биде да се спречи „затворскиот туризам“, како што пред неколку дена најави и министерот за правда, Никола Тупанчевски.
Од Министерството велат дека Тупанчевски издал решение да се формира работна група уште на 16 јуни годинава, а истата започнала со работа на 7 јули 2022 г.
Ваквите законски измени, сепак, ќе се носат откако „затворски туристи“ станаа бизнисменот Орце Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кои ја сменија адресата на живеење од Скопје во Охрид со цел затворските казни наместо во затворите во главниот град, да ги издржат во полуотворениот Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга.
Промената на законот, според соопштението од Министерството за правда, е во почетна фаза. На првиот состанок на работната група на 7 јули, како што велат, биле разгледани повеќе предлози доставени од надлежните институции. Побарани се и ставови од судовите низ земјава и истите сега се прибираат и обработуваат.
„Работната група започна со својата работа на 07.07.2022 година а на состанокот беа разгледани повеќе предлози доставени од надлежни институции. Беше утврдена и динамиката на работа на работната група а се дадоа и задолженија со цел обезбедување на податоци кои ќе бидат неопходни на работењето за следниот состанок. Доставени се барања до сите основни судови и судови со проширена надлежност на РСМ со цел да дадат свои конкретни предлози во однос на примената на Законот за извршување на санкциите, примената на институтот условен отпуст на осудени лица, прекин на казна на осудени лица и др. Во моментов стручните служби на Министерството за правда и Управата за извршување на санкциите работат на прибирање и обработка на овие податоци“,
велат од Министерството за правда.
„Затворскиот туризам“ во случајот со Камчев и Мијалков на кој посведочи јавноста, се случи во рамки на предметот за финансиски криминал познат како „Империја“. Двајцата признаа вина и се спогодија со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на затворски казни од една односно три години. Додека се спогодуваа тие ги променија личните карти со охридски адреси на живеење, со што, како што налага моменталната регулативата надлежноста да им издаде упатен акт се префрли на судот надлежен според нивното „место на живеење“, во случајот охридскиот.
Камчев спогодбата ја постигна кон крајот на април годинава, кога заедно со него на едногодишна затворска казна се договори и Ненад Јосифовиќ. И тој, исто како и Камчев ја промени адресата и сега затворската казна ја издржува во Струга.
Спогодбата на двајцата се однесуваше за кривични дела до 2009 година – Камчев призна вина за злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело. Дел од неа беше и преку фирмите на Камчев да се уплатат 5,2 милиони евра во државната каса, коишто пари беа префрлени на сметка на УЈП на 26 април 2022 година.
За спогодбата на Мијалков, пак, Обвинителството информираше на 8 јули. Тој во „Империја“, призна вина за кривичните дела злосторничко здружување и за противправно стекнување и прикривање на имот и се договори на три години затвор и конфискација на имот (дел во пари, а поголем дел во недвижности) од околу 36 милиони евра.
Мијалков сè уште не почнал да ја издржува казната во струшкиот затвор бидејќи упатниот акт, како што веќе објавивме, судот во Охрид му го издаде за 8 август.
Обвинетите во „Империја“ кои се спогодија не се први што ја промениле адресата пред издржување на затворските казни. За потсетување, меѓу попознатите случаи вакво сценарио имаше и пред две години со Зоран Милески-Кичеец кој призна вина во случајот „Рекет“ и доби тригодишна затворска казна. Тој првично од Основниот кривичен суд во Скопје доби упатен акт за скопскиот затвор во Шутка, но во меѓувреме ја промени адресата, па потоа охридскиот суд му издаде нов упатен акт за КПД Струга.